Се собираат согласности за тестирање на учениците: „Родителите да го поддржат тестирањето“

од Берта Китинска
488 прегледи

Во тек е собирањето на согласности од родителите за тестирање на учениците во училиштата.

Според надлежните предвидено е скринингот за КОВИД-19 да опфати 364 основни и 109 средни училишта.

Од Министерството за здравство потенцираа дека е многу важно родителите да го поддржат тестирањето. Министерството соопшти дека ќе спроведе скрининг со брзи антигенски тестови, во кој ќе бидат опфатени 8.178 ученици во 80 општини и градот Скопје, во рамки на активностите за превентивни тестирања со цел рано детектирање и превенција од Ковид-19 во основните и средни училишта.

– Не е ништо страшно, обичен брис се зема, за да видиме дали ќе откриеме асимптоматски носители на вирусот. Требаше да започне скринингот оваа недела, претходна да биде завршен. Меѓутоа, нешто подолго потрае анализата на бројот на учениците во училиштата, основни и средни. Така што, со оглед на тоа што сега е готова методологијата, од утре ќе почнеме да бараме заедно со МОН писмена согласност од родителите согласно методологијата. Јас верувам дека до крајот на оваа, почетокот на следната тоа ќе се обезбеди, за да од следната недела се спроведе скринингот, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Скринингот во училиштата ќе овозможи да се добијат релевантни податоци за можното асимптоматско ширење на вирусот Ковид-19, односно дали истиот се шири низ училиштата и каква е трансмисијата.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 195.963, бројката на оздравени пациенти е 182.473, на починати е 6.888, а бројот на активни случаи изнесува 6.602.

Слични содржини