Премиер лигата спречи „вбризгување“ пари во Њукасл

од Vladimir Zorba
375 прегледи

КЛУБОВИТЕ од Премиер лигата на итен состанок со 18 гласови за, еден против (Њукасл) и еден воздржан (Манчестер Сити) одлучи привремено да ги прекине спонзорските договори со компании кои можат да се поврзат со сопствениците на клубовите.

Ова е директен удар за Њукасл бидејќи другите англиски клубови веруваат дека Саудијците, новите сопственици на Њукасл, планирале да вбризгаат пари во клубот преку договори со нафтени компании од Саудиска Арабија. Тоа, според 18 клубови од Премиер лигата, ќе му даде предност на Њукасл во борбата на фудбалскиот пазар.

Сити беше воздржан затоа што и самиот е во сопственост на Абу Даби Јунајтед Груп, а спонзориран е од Етихад, компанија во сопственост на владата во Абу Даби. Новото правило ќе биде на сила еден месец и ќе важи за сите 20 клуба од најсилната лига во светот. Многу од тие 20 клубови сакаат правилото да стане трајно.

Според правилата на Премиер лигата, клубовите можат да имаат загуби до максимум 105 милиони фунти во период од три години.

„Ако не го воведевме ова правило, ништо не можеше да го спречи Њукасл да го продаде името на стадионот за 100 милиони фунти на саудиска компанија, а потоа да ги искористи тие пари во јануари за да донесе играчи. Тоа би ги заобиколило нашите правила за финансиски фер -плеј“, изјави неименуван функционер во Премиер лигата за „Скај Спортс“.

Њукасл, кој стана клуб со најбогатите сопственици во светот, може да потроши околу 200 милиони фунти во следниот преоден рок и наводно ќе потроши „само“ 60 милиони фунти за да донесе играчи со кои ќе се обиде да се бори за опстанок.

Вистинското пазарење е планирано за следното лето.

Слични содржини