ЗНМ: Расте бројот на инциденти, бараме итна реакција од надлежните институции

од Nikola Popovski
333 прегледи

Последните инциденти кои се случија за време на изборната кампања врз новинарите потребно е да се истражат и што e уште поважно да не се повторат  – ова беше темата на прес конференцијата која што се одржа денеска во Здружението на новинарите на Македонија.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски побара итна реакција на Министерството за внатрешни работи (МВР), Државната изборна комисија (ДИК) и Основното јавно обвинителство (ОЈО).

„Изминативе денови и недели бевме сведоци на повеќекратни, тешки навреди, напади, вербални малтретирања, загрозување на интегритетот и безбедноста на новинарките и новинарите. Ја организираме оваа прес конференција на неколку денови пред светскиот ден против неказнивоста на нападите врз новинари затоа што чувствуваме дека изборниот процес донесе премногу емоции кои се преточија во неприфатлив однос на дел од политичките актери, учесници во изборите, кандидати, партиски експоненти и партиски активисти“.

Во неколку одвоени инциденти новинарки и новинари беа дискредитирани навредувани, на партиски митинзи или собири а тоа директно се одрази на работата на колешките Џумадије Ибраими од ТВ Клан, Салије Садику од ТВ 21, Ферикан Арифи од Еуроњуз и други. ЗНМ регистрираше потценувачки говор на претседателот на ДИК кон новинарките среде прес конференција, кој подоцна се извини, колеги фоторепортери и сниматели ни се жалеа за односот на дел од претседателите на општинските комисии на ДИК кои јавниот простор го толкуваат како приватна сопственост, други колеги новинари се пожалија за заканувачки тонови од политичари и експоненти на кампањите на партиите. Креираната атмосфера е предупредувачка и мора веднаш да престане. Не станува збор ниту за една партија или кандидат, туку за различни политички провениенции, велат од ЗНМ.

Пред присутните медиуми, се обрати новинарката Ферикан Арифи од Еуроњуз, која рече дека токму заради тоа што била жртва на вербални напади, стравува дека истите може да прераснат во физички напади. Ги повика надлежните институции да изреагираат навремено, да ја расветлат ситуацијата за да нема повторување на вакви или слични ситуации.

На настанот се обрати и новинарката Џумадије Ибраими од ТВ Клан која што исто така ја истакна сериозноста на ситуацијата во која што се нашла. Имено, новинарката била клеветена и уценувана од страна кандидатот на Алијанса за Албанците за градоначалник во Тетово, Вулнет Мурсели. Таа, повика на толерантност и почит кон нејзината работа, а воедно и работата на сите новинари.

Поднесени се претставки до МВР и ДИК за сите пријавени досегашни случувања поврзани со напади на новинарите во изборниот процес. ЗНМ апелира да се реагира брзо, да се почитува работата на новинарите, но и тие како личности од страна на политичките актери, не само во процесот на предизборната кампања, туку и во иднина. На настанот беа присутни претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, новинарите Ферикан Илјази Арифи, Џумадије Ибраими, Јовица Пауновски, Фуркан Салиу, и Роберт Атанасовски, фоторепортер.

Слични содржини