Влада: Продолжува да расте просечната месечна нето плата

од Берта Китинска
612 прегледи

Согласно податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во август 2021 година изнесува 28.642 денари, информираат од Влада.

-Тоа значи зголемување од 4% во однос на истиот месец минатата година, поточно за 1.107 денари. Зголемување на просечната нето плата е регистрирано и во однос на месец јули годинава, кога платата изнесувала 28.540 денари.

Зголемувањето се должи, пред сѐ, на зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (15.1 %), уметност, забава и рекреација (14.2 %) и други услужни дејности (13.5 %).Согласно статистика, највисока просечна нето плата е регистрирана во секторот информации и комуникации, потоа следат финансиски дејност и дејности на осигурување.

Податоците на Државниот завод за статистика го потврдуваат трендот на раст на платите кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата.

Доколку последниот податок го споредиме со август 2017 година кога просечната плата била 22.912 денари, разликата е 5.730 денари.Посветени сме на реализација на стапките на економски раст од 4-5% и покачување на платите за 20 % до 30 % сѐ со цел подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата, соопштија од Влада.

Слични содржини