Манчестер Јунајтед испратил јасна порака до различни агенти кои се обидувале да контактираат со раководството на тимот за да предложат опции за нов тренер на тимот. Од „Олд Трафорд“ се децидни дека немаат план да го заменат Оле Гунар Солскјер и дека ќе продолжат да го поддржуваат Норвежанецот, објави „Сан“.
Сепак, изданието додава дека некои од играчите не се целосно убедени дека Солскјер е личноста која ќе го води Манчестер Јунајтед до најголемите трофеи во фудбалот, како што се барањата и желбите на клубот.
Внатрешен извор на медиумот известува дека постои одредена конфузија и мислења во тимот дека тактиката и пораките на Норвежанецот не се целосно јасни за секого, а постигнатите резултати се должат на индивидуалните блесоци.
„Пораките не се доволно јасни. Во тимот владее конфузија, играчите не ја разбираат тактиката. Нема тимска игра, туку индивидуални блесоци, како и уште поголеми проблеми во одбраната“, тврди весникот „Сан“.
Од 17:30 часот денеска „црвените ѓаволи“ се среќаваат со Ливерпул во едно од најголемите дербија во англискиот фудбал.