Општина Карпош гo издаде одобрението за реконструкција на спортската сала „Партизан“, но и решението за изградба на затворениот пливачки базен кој ќе биде изграден веднаш до овој култен спортски објект.
-Градоначалникот Стефан Богоев ги потпиша овие акти, а Агенцијата за млади и спорт (АМС) ја финализира постапката за избор на изведувачи за двата спортски објекти. Имено, двете јавни набавки се во фаза на евалуација на пристигнатите понуди, по што АМС ќе спроведе и е – аукции.
Теренските активности за реконструкција на салата и изградба на затворениот пливачки базен се очекува да започнат за триесетина дена.
Иницијативата за спас и обнова на „Партизан“ општината ја започна на почетокот на 2019 година. Оттогаш се вложија сериозни напори за оваа спортска сала, која е дел од колективната меморија на скопјани да се врати во владение на општина Карпош, имајќи предвид дека со салата стопанисуваше приватен концесионер на несоодветен начин.
По враќањето на „Партизан“ во владение на општината, трајно се отстрани заканата на овој простор да „никнат“ нови згради. Локалната самоуправа во соработка со здружението „Културно Ехо“ спроведе анкета за избор на идејно решение за реконструкција на салата. Идејните проекти беа подготвени од домашни и странски млади архитекти на здружението, а изборот преку анкета го направија граѓаните на Карпош. Агенцијата за млади и спорт го подготви основниот проект, по што истоимената институција објави јавна набавка за избор на изведувач за реконструкција на салата.
Во овој дел од Карпош, ќе биде изграден и затворен пливачки базен. Истиот ќе можат да го користат учениците од општинските основни училишта, а во попладневните часови и околните жители.На овој начин, делот меѓу населбите Карпош 3 и Карпош 4 ќе претставува уредена спортска целина, која ќе можат да ја користат сите граѓани.Со хуманизацијата на овој простор се создаваат услови за уште поголем развој на спортот на локално ниво, информира од општината.