На денешното судење за „Плацеви на Водно“ сведочеше бизнисменот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова.
Тој во своето сведочење кажа дека поранешниот премиер кој е осуден и доби азил во Унгарија, Никола Груевски од унгарски број го барал и се интерсирал за стан во Центар во којшто ќе може да живеат неговата сопруга и децата.
-После неговото бегство од 2018 година, добив порака од унгарски телефонски број и Груевски ме прашуваше дали имам станови во Центар во Скопје за неговата сопруга. Му кажав дека немам, дека имам станови само во Аеродром во градба коишто ќе бидат готови во 2020 година, рече Ивановски
На 20 октомври 2020, пак, сведокот имал пропуштен повик од Груевски, а тоа било откако Ивановски веќе дал исказ во Обвинителството за организиран криминал за случајот „Плацеви на Водно“.
Потписот на Ивановски стои на полномошното за отворање на фирмата “Сирах инженеринг”, фирма ќерка на кипарска офшор компанија којашто ги купи спорните плацеви. Според обвинението, фирмата ги купила двете контровезрни парцели од 11.000 квадратни метри на Водно, за екс- премиерот Никола Груевски, а парите биле од партиски донации на ВМРО-ДПМНЕ. Управител на фирмата е Ристо Новачевски, кумот на Груевски, кој исто така е обвинет во случајот.