Германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) прогнозира дека Никола Димитров е кандидат за технички премиер на новата влада, во анализата што ја пренесе „Дојче Веле“.
Во однос на идниот развој на ситуацијата во земјата, ФАЦ проценува дека се можни три сценарија: актуелното мнозинство да продолжи да владее со нов премиер; да се формира техничка влада која на одреден период би ја предводела земјата. За втората варијанта, весникот пишува дека кандидат за премиер е поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Третата варијанта се предвремени избори, кои според ФАЦ, ги турка лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Во која насока ќе се развива Северна Македонија предводена од Мицкоски, не е јасно. Формално, ВМРО не ја отфрла целта за членство во ЕУ. Но, во годините на владеењето на Груевски земјата систематски се оддалечуваше од ЕУ. ВМРО не ја признава ниту промената на името, а нејзините политичари и натаму земјата ја нарекуваат Македонија. Тоа може одново да предизвика проблеми во односите со Грција. Сигурно е само тоа дека обидот на Зоран Заев, да ја усогласи целата политика со ЕУ во надеж дека ќе добие барем почеток на преговори, не успеа. А со сигурност никој на потегот меѓу Белград и Тирана во иднина нема да го следи“, заклучува ФАЦ.