„Немаме добиено уште ништо од Влада“, велат од кабинетот на Претседателот на Собрание, Талат Џафери.
Оставката на премиерот Зоран Заев е дефинитивна и нам не ни е толку важно името на новиот претседател на Владата, туку како таа ќе продолжи со новата политика, изјави денеска министерот за локална самоуправа и лидер на Либерално демократската партија (ЛДП), Горан Милевски гостувајќи на „Утрински Брифинг“.
– Оставката е дефинитивна, нема сомнеж и нема што тука да се дебатира. Ние тоа го знаевме, бидејќи тоа ни беше најавено од него уште по првиот круг. Заев откако објави дека ќе поднесе оставка на позицијата премиер, ќе побара мислење од коалициските партнери за новото име што треба да ја предводи Владата. Оставен е простор дека името е отворена тема, рече дека ќе го слушне мислењето на коалициските партнери оваа недела. Нас не ни е толку важно името на новиот премиер, туку како ќе продолжи новата политика, вели Милевски.
Партиите од владејачката коалиција вчера излегоа со став дека тие не се согласуваат со оставката на Заев, по вчерашната средба со него во Владата. Од ДУИ, Беса, ДПА, но и од помалите македонски партии излегоа со став дека треба да се продолжат реформите и политиките кои ги започна Владата. Од ВМРО-ДПМНЕ пак бараат Заев да ја достави оставката до Собранието.
„Зоран Заев повторно блефираше и остана на фејсбук оставка, но не ја достави со допис до парламентот. Оттука се гледа дека оставката на Заев е иста како и оставката на Филипче. Ја поднесе за да не биде прифатена“, посочи Драган Ковачки.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ по победата во неделата најави дека ќе има и ново мнозинство и предвремени парламентарни избори. Драган Ковачки од Извршниот комитет на партијата како да се повлекува од најавата за ново мнозинство.
„Ние ќе се обидеме да формираме ново парламентарно мнозинство, меѓутоа со оглед дека тоа доколку го формираме би било кревко и прашање е на неговата функционалност, нашиот став е дека најдобро би било да се оди на предвремени парламентарни избори“, истакна Драган Ковачки.