Креаторот на апликацијата „Мој воздух“ и нов член во Советот на Град Скопје, Горјан Јовановски, денеска во Утрински брифинг рече дека во последниве седум години откако тој се занимава со еко активизам, никој од власта не направил нешто за да се подобри квалитетот на воздухот.
– Тоа што некои денови има помало загадување е благодарение на временски услови. Само ветер, дожд и снег можат да ни помогнат во моментов, бидејќи план за решавање на проблемот никој досега не понуди. Малиот број на државни мерки станици посебно го отежнува проблемот, бидејќи не можеме да ја следиме состојбата. Но очекувам дека двајцата советници од Зелен хуман град во Советот на Градот помеѓу кои сум и јас, ќе успееме заедно со останатите советници да направиме нешто конкретно на темата аерозагадување. На следните локални избори очекувам да не се споменува аерозагадувањето во кампањата, како и сега што не се зборуваше за тоа, но не затоа што сакаме да го заборавиме, туку затоа што навистина нема да има загадување на воздухот, вели Јовановски.