Би било добро Министерството за надворешни работи на Бугарија во даден момент да ги објави имињата на оние општествени или политички дејци во Северна Македонија кои навистина имаат бугарски пасоши, изјави бугарскиот професор Светлозар Елдеров, историчар од Институтот за балканистика на Бугарската академија на науките.
Според него, „во случајот со Данела Арсовска беа покажувани некакви лични карти и таму едната страна одрекуваше, а другата инсистираше“.
-Во практика, или е вистина, или е лага. И во двата случаја бугарското министерство мора да направи нешто. Политичките лидери за кои се говори некаде јавно, а некаде неофицијално – дека имаат пасоши – треба или сами да излезат и да кажат, или бугарското Министерството за надворешни работи да го направи тоа наместо нив. Бидејќи, да си Бугарин и да имаш бугарски пасош и бугарско државјанство, кога законот тоа го дозволува, не е конспирација, туку чест, достоинство и законско право, потенцира Елдеров во интервју за бугарското радио „Фокус“.
Елдеров не е оптимист дека односите меѓу Скопје и Софија ќе тргнат во подобра насока.
-Ако има некаква промена, таа ќе биде само кон полошо. Каква позитивна промена може да очекуваме, кога таму, бугарскиот пасош, официјален документ и симбол на бугарската државност, се користи за компромитација во политичката борба? И ако тоа се прави во однос на видни политички личности, лидери на партии, кандидати за градоначалници, може да си претпоставиме што значи тоа за обичните луѓе кои имаат бугарски пасоши, имаат желба јавно да се декларираат како Бугари, потенцира Елдеров.