НБА лигата препорачува „бустер“ доза на играчите и тренерите

од Vladimir Zorba
232 прегледи

НБА лигата им најави на своите играчи, тренери и судии дека треба да примат „бустер“ доза од вакцината против коронавирус, со посебна итност за оние кои примиле единечна доза од вакцината „Џонсон и Џонсон“.

Лигата и Националната кошаркарска асоцијација, работејќи заедно на упатствата на експертите од НБА за јавно здравје и заразни болести, рекоа дека оние кои ја примиле вакцината „Џонсон-Џонсон“ пред повеќе од два месеци треба да добијат засилувачка доза.

Дополнителна препорака е дадена и за оние кои ги примиле вакцините Фајзер и Модерна пред најмалку шест месеци.

Препораките на лигата, објавени од Асошиетед прес, ги повикуваат сите оние кои првично ја примиле вакцината Џонсон-Џонсон да ја примат вакцината Фајзер или Модерна како засилувачка доза.

Оние кои добиле Фајзер или Модерна можат да добијат која било достапна вакцина, објави лигата.

Податоците користени за донесување одлуки во лигата покажаа дека нивоата на антитела за оние кои примиле вакцини Фајзер или Модерна се намалиле по шест месеци и по два месеци за оние кои примиле вакцина Џонсон-Џонсон.

Некои тимови веќе имаат планирано играчите да добиваат засилувачки дози кога ќе станат достапни.

Мал број на претходно вакцинирани НБА играчи беа позитивни оваа сезона и влегоа во здравствените и безбедносните протоколи на лигата.

Се проценува дека на почетокот на сезоната 2021/21 процентот на вакцинирани играчи бил 97 проценти.

Речиси 60 отсто од населението во Соединетите Држави е вакцинирано, повеќе од 193 милиони луѓе, а „бустер“ досега е дадена на 21 милион граѓани на САД.

Слични содржини