Последните проблеми поврзани со функционирањето на РЕК Битола, откако рано утринава престана со работа и блок 1, се разбирливи и очекувани со оглед на нивната старост, вели за „Локално“ професорот Антон Чаушевски.
„Изградени се пред 40 години, па оттука можеме да направиме паралела со на пример подеднаков стар автомобил кој поради долгиот период на употреба постојано прави тргни- застани. Неопходна е изградба на нови електрани, но ниедна влада досега не го превзеде овој чекор“, посочува Чаушевски.
За него е разбирлив фактот дека изградба од ваков тип објект, трае во просек 3 години и дека чини пари, но потсетува дека многу од работите требале да се завршат на време.
Според него, во актуелната ситуација кога сите блокови на РЕК Битола се вон употреба мора веднаш да се оспособат барем двата и што побрзо да се набави потребниот јаглен.
„Треба да се направи се за да се протурка зимата.Работите веќе не смеат да се остават на случајност, па затоа следната година веќе во мај треба да отпочне процесот на набавка на јаглен и на подготовка на блоковите“, вели Чаушевски.
Потсетува дека сега, додека траат поправките на блоковите ќе почне и процесот на испорака на јагленот. Според него станува збор за количина од стотици илјади тони која не може да биде донесена веднаш. Јагленот ќе биде превезуван секојдневно, по неколку илади тони, па оттука процесот на достава паралелно би се решавал со процесот на поправки на блоковите.
Чаушевски е сигурен дека државата нема да се соочи со најлошото сценарио според кое домаќинствата и индустријата би останале без струја.
„Во најлош случај, претпоставувам дека ќе ни помогне регионалниот енергетски систем бидејќи сепак ние сме мал пазар кој од нивна страна може да биде толериран“, истакнува професорот.
Во меѓувреме, конзумот на електрична енергија се надополнува од увоз, со превземање на струја од европската мрежа и со минимални количини од хридопотенцијалот. Додека работите не се стабилизираат, во прилог на сите едиствено се временските прилики.
Според најавите Владата, утре треба да прогласи енергетска криза со што ќе се создадат услови енергетските компании да ги добијат финансиските средства од буџетот со кои ќе ја подобрат ликвидноста и ќе се врши набавка на електрична енергија, но и за да се стави во функција ТЕЦ Неготино.
К.В.С.