Се раскара друштвото од собраниското фото (без претседателот на Беса Билал Касами), направено во петокот минатата недела, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави дека опозицијата обезбедила 61 пратенички потпис и дека ќе ја руши Владата на Зоран Заев. Неизвесноста дали и понатаму се на број, пропратена со меѓусебни обвинувања за тоа кој со измама изнудил потпис, или пак, бил антиалбански расположен продолжи и денеска.
Во меѓувреме координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски го повика пратеникот од Алтернатива Скендер Реџепи да не ја повлекува поддршката. Со изјава на фб се јави и членот на партијата Алијанса, Шефик Дураку кој прво Апасиев го нарече „кловн“ за потоа да ја обвини ДУИ за креирање на лажна објава. Беса пак, час молчи, час изјавува дека ќе остане до крај во намерта да ја руши партијата на Али Ахмети.
За ваквата новонастаната ситуација во таборот на чело со Мицкоски, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека се случува бидејќи, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса, Алтернатива и Беса ја „утнале“ работата, односно локалните избори ги поистоветиле со парламентарните избори. Според Муслиу кавгите од ваков тип се неминовни бидејќи партиските раководства претходно не биле договорени за поделбата на владиниот колач.
-Кавгите меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијансата, Алтернатива и Беса се случуваат пред се што овие партии пазарот за локалните избори го издигнаа на пазарот кој се прави на централно ниво. Тие заборавија пред почетокот на локалните избори да се договорат за основните суштински работи кои се карактеристични за централната власт. И во моментот кога ваквите прашања почнаа да се вметнуваат во наративот, на површината излегоа проблемите со кои се соочија потписниците на иницијативата за рушење на Владата предводена од Зоран Заев. Тоа е суштината. Имавме локални избори а не парламентари. Прашањето сега е, како да формираат ново собраниско мнозинство без договор за суштинските прашања. Тоа тшко ќе им оди. Дали ќе се договорат или, не тоа е нивна работа. Но, секако дека нема да можат да формираат влада пред претходно да се договорат за ресори и директорски места. Да потсетам дека за време на парламентарни избори партиите својата проекција ја градат според политички ставови, цели, визии, вели Муслиу.
Пратеникот од редовите на Алтернатива Скендер Реџепи Зaјд, рече дека е измамен и дека очекувал неговиот потпис да стои до пратениците на ЛДП а не до Левица. Реџепи посочи дека потписот го повлекува и бидејќи не сака да биде дел од иницијатива во која партиципира партија која е анти – НАТО и анти албанска.
И Апасиев се огласи на фб. Им порача на Алијансата, Алтернатива и на Беса паметот да им остане во главата.
„Ако пратениците на Алијанса, Алтернатива и Беса не ја искористат историската шанса во четврток да го стават ДУИ во опозиција, тогаш на наредни избори (кога и да бидат) ќе бидат прегазени токму од ДУИ како шлепер жаба и никогаш нема да се повратат. ДУИ, од позиција на власт, ќе освои 18 пратеника, а они – максимум 9. Затоа, памет у глава – емоции на страна и се гледаме на седница. Оти, политика е ШАХ“, напиша Апасиев.
По статусот на Апасиев,повторно се огласи Реџепи кој го обвини лидерот на Левица за камуфлирање на антиалбанизмот како анти-ДУИ и дека ВМРО-ДПМНЕ ги добило изборите на грбот на Алтернатива бидејќи се претставиле како една поинаква партија.
„Добро играм шах. Во овој случај, Апасиев го свртел шахот од позади, претендирајќи со тоа што ќе стане анти-ДУИ, ќе се скрие неговиот антиалбанизам. И за него е сосема небитно, тоа што го пишува, досега не истакнал ниту една вредност ниту во Собрание ниту во дебати, се е обоено со националистички, шовинистички и антиалбански елементи, рече Реџепи.
Но, не мируваат ниту помалите коалициски партнери на Заев. ДОМ и ЛДП очекуваат лидерот на СДСМ да си поднесе оставка.
Според политикологот Муслиу во политиката се си има своја цена.
-Политичарите треба да се свесни дека кога тогаш цената ја плаќаат. Заев знаеше дека со потпишување на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство ќе ја плати таа цена. Но тој тоа машки го направи и донесе крупни одлуки за иднината на граѓаните. Наспроти ова Заев можеше да се однесува популистички, и да дели социјална помош, вели Муслиу.
Во меѓувреме не престануваат да се лиферуваат разно – разни информации околу тоа кој го има мнозинството во Собранието. Јавноста е информирана дека час ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство, а час подоцна дека СДСМ има пратеник плус. Но, од двата табора брифираат дека водат интензивни преговори со народни избраници од повеќе партии и партиски табори. Целтта им е на седницата за (не)доверба на Владата да бидат сигурни дека обезбедиле поддршка.
Најновата информација дојде од Беса. Партијата на Билал Касами која првично ја поддржа иницијативата за ново парламентарно мнозинство, не сакаше да ја коментира одлуката на Управниот суд за тоа да нема да има прегласување за локалните избори во Желино, со што градоначалникот на оваа општина останува од редовите на Беса. Тие попладнево соопштија дека партиската одлука е да поддржат недоверба на Владата.
Од СДСМ и ДУИ демантираат дека нивни пратеници преговараат со ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата околу создавање на ново мнозинтво во Собранието.
Б.Т.