Нема никаква разлика каква е вакцината, односно кој тип се првата и втората доза. Фајзер е препорачлива за трета доза, без разлика каква е вакцината за првата и втората доза, вели министерот за здравство, Венко Филипче денеска на прес-конференција, околу примањето на третата доза вакцина против Ковид-19.
Тој информира дека на состанокот на Националниот комитет за имунизација е потврден ставот дека нема ризик доколку во исто време едно лице прими и вакцина против корона и вакцина против грипот.
-Пристигнаа 40.000 четириваленти вакцини против сезонски грип. Вакцинацијата ќе почне в петок, а СМС пораки ќе почнат да добиваат граѓаните кои се пријавиле на сајтот vakcinacija.mk . Ова е четврта година по ред како обезбедуваме бесплатна вакцинација за хронично болните, граѓаните над 65 – годишна возраст, бремените жени, децата и здравствените работници, информира Филипче.
Освен во скопскиот Центар за јавно здравје, имунизација против грип ќе се врши и во поликлиниките при Здравствениот дом Скопје и во центрите и во здравствените домови во целата земја.
Досега над 20.000 граѓани се пријавиле за заштита против сезонски грип.