Организацијата на потрошувачи повикува на превземање итни мерки за да се забави галопирачкото темпо на поскапување на основните животни производи и други стоки и услуги. Според Организацијата таквите чекори треба да се преземат пред да настапат идните поскапувања, особено кога е во прашање цената на лебот.
-Во таа насока треба да се следат примерите во соседството. Ние како држава веќе имаме искуство со задржување на цената на исто ниво на еден вид на леб. Исто така имавме и одржување на исти цени на најважните производи, во 2008 година кога бевме повикани заедно со трговците да разговараме за одредени мерки и можности. За жал сега не сме повикани, можеби заради политичката криза, но очекуваме дека ќе бидеме прашани и нашите мислења ќе бидат земени предвид, велат од Организацијата на потрошувачи.
Една од земјите која ја ограничи малопродажната цена на лебот на шест месеци, е Србија. Во овој период на пекарите ќе им се испорачува брашно од стоковите резерви по пониска цена.
Загриженост од секојдневното покачување на цените на производите кои се најважни за едно семејство и можните последици врз домашното производство, изразуваат и од ССМ. Први на удар според Синдикатот ќе бидат најсиромашните слоеви на работниците и нивните семејства бидејќи енормното покачување на цената на електричната енергија ги зголеми цените на егзистенцијалните производи.
Најавеното зголемување на цената на електричната енергија ќе доведе до намалување на производните активности во одделни дејности, а со тоа и до губење на работни места и загрозување на животниот стандард на работниците и граѓаните. ССМ бара од Владата да не дозволи енормно покачување на цената на електричната енергија за домаќинствата, истата да биде контролирана и регулирана на одржливо ниво, при тоа да се прошири опфатот на лица, ранливи категории на потрошувачи на електрична енергија не само за семејства корисници на постојана социјална помош, туку и на пензионерите со ниски пензии, семејства со минимална плата, семесјтва кои немаат вработен челм, самохрани родители со ниски примања и сл.
Стопанствениците во земјава отворено се сомневаат дека инфлацијата од 3,1 % колку што прогнозира Централната банка, ќе го продолжи нагорниот тренд. Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи за „Локално“ вели дека општеството и бизнисот добро и планирано „пливаа“ во контролираните 2 % инфлација, но опасни според него ќе бидат нејзините подоголеми димензии.
-Бизнисот го загрижува целокупната неизвесност околу енергетската криза како основа за раст на сите цени на чинење во индустријата поврзано и со суровините , транспортот, логистиката итн. Инфлацијата секако ќе се одрази на бизнисот. Неизвесно е дали со наплатените производи и услуги ќе може да се набават нови суровини или платат услугите, вели Бошков.
Статистиката покажа дека трошоците за живот минатиот месец се за 4,1 % повисоки од лани, односно дека храната е поскапена за 4,6 %, транспортот за 18% а горивата за над 30%. Надлежните уверуваат дека инфлацијата е под контрола и дека наредната година ќе има стабилизирање во енергетскиот сектор и на цените на храната а со тоа и забавување на инфлацијата во земјава.
Во насока на заштита на граѓаните од ценовните шокови, Владата го задолжи Министерството за труд да подготви мерки за поддршка на социјално ранливите категории за да користат дополнителни средства за заштита од енергетска сиромаштија.Земјите членки на ЕУ пак за да го ублажат ценовниот шок без да ги нарушат ЕУ правилата на краток рок имаат можност да обезбедат ваучери за најсиромашните домаќинства, да дозволат доцнење во исплатата на фактурите, да обезбедат привремени намалувања на цените, или пак да дадат државна помош за компаниите но во согласност со правилата на ЕУ за државна помош.
К.В.С.