Шефот на СЗО го нарече „скандал“ давањето бустер дози во развиените земји

од Nikola Popovski
544 прегледи

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, ги критикуваше земјите со релативно висок број вакцинирани поради употребата на „бустер“ дози, додека сиромашните земји се борат воопшто да добијат вакцини, пренесува германската новинска агенција „dpa“.

-Трета доза или вакцинација на деца нема смисла додека медицинските работници и луѓето со зголемен ризик од тешка форма на болеста во сиромашните земји сè уште ја чекаат првата доза, рече Гебрејесус во Женева.

-Покрај тоа, земјите со најголем број вакцинирани продолжуваат да складираат повеќе вакцини против Ковид-19, додека сиромашните земји продолжуваат да чекаат, додаде тој.

-Секој ден има шест пати повеќе „бустер“ дози што се применуваат на глобално ниво од првите дози во сиромашните земји. Тоа е скандал кој сега мора да престане, изјави шефот на СЗО.

Земјите низ Европа се движат напред со кампањи за „бустер“ дози додека четвртиот бран на инфекција силно погодува делови од континентот.

Гебрејесус рече дека луѓето можат да се заштитат со почитување на постоечките хигиенски мерки, носење маски, физичко растојание и тестирање.

-Со правилната мешавина на мерки, земјите можат да најдат рамнотежа помеѓу намалувањето на преносот на вируси и одржувањето на општеството и економијата отворени, нагласи тој.

Според СЗО, потребни се уште 550 милиони дози за да се постигне целта до крајот на годината да се вакцинираат 40 отсто од населението во секоја земја во светот.

Таа количина може да се произведе за десет дена, наведува агенцијата на ОН.

СЗО повторно ги повика земјите со големи количини на вакцини да ги упатат во програмата COVAX која потоа ги препраќа во сиромашните земји.

Слични содржини