Ни треба поинакво Собрание

од Vladimir Zorba
858 прегледи

Во оваа земја Собранието претставува национален срам.

Она што последнава недела се случуваше во објектот кој некогаш беше нарекуван “највисок државен дом” е одраз на спектакуларната декаденција на домашната политика, тоталната ерозија на сите цивилизациски норми, и најпосле, конечната потврда дека од демократија во оваа земја нема ни “д”.

После целата сага за формирање ново парламентарно мнозинство, и нејзината кулминација завчера со мистериозното исчезнување на 61-от пратеник за изгласување недоверба на владата, кај оние кои ги следат политичките процеси повеќе нема само разочарување. Со последната епизода од шпанската серија наречена парламент, кај граѓаните цинизмот премина во гадење. Да се биде свесен дека основната функција на таа
институција е да ги решава општествените проблеми наместо да ги создава, и истовремено да се посматра таа гола борба за моќ на елитата, со сите интриги, махинации и сплетки, невозможно е да не генерира физичка одбивност кон сите кои се дел од таа папазјанија.

Собранието е повеќе од дисфункционално. Собранието е пародија на себеси, црна дупка на просперитетните идеи, театар на апсурдот, симбол на безнадежноста. Девалвацијата на овој храм на републиката и демократијата се случува со години. На пратеници кои не изустиле збор во цел четиригодишен мандат веќе одамна се навикнавме. Имало и случаи кога пратеници спијат за време на седница, иако тоа никогаш не се случило тогаш кога се гласало за апанажи и патни трошоци.

Но овие престапи се само фусноти кои содејствуваат со поразителниот амбиент во кој егзистира собранието. Неговото суштинско разнебитување започна на 24 декември 2012, кога опозицијата предводена од СДСМ беше насилно исфрлена надвор од пленарната сала од страна на обезбедувањето. Од денешна перспектива, тој “црн понеделник” бил гола вода, но самиот инцидент беше најава за новото нормално, во кое никаков код, ниту законски, ниту морален, повеќе нема да важи во парламентот.

Инвазијата на разулавени десничарски хорди на 27 април 2017 го потврди овој факт, засенувајќи ги сите претходни изливи на деструктивност во Собранието, и доведувајќи го општеството на раб на граѓанска војна. За среќа, до ова не дојде. Зоран Заев преживеа, но од тој ден, Собранието е мртво. Обидот за линч беше капката која ја прели чашата за оваа институција било кога повторно граѓаните да можат да се идентификуваат со неа, да се чувствуваат претставени од неа, и да ја асоцираат со достоинство, поредок, авторитет и лидерство.

Меѓутоа, нападот врз Заев не беше само причина за разобличувањето на Собранието во очите на јавноста, туку и негова последица. Ако упадот беше физичката манифестација на конечната делегимизација, тогаш она што му претходеше му зададе фатален удар во духовна смисла. Самото прогласување на спикер со шверцерски методи и надвор од сите процедури беше доказ дека оваа политичка класа нема никаква почит за владеењето на правото. Кога има, тогаш тоа е за да го експлоатира на штета на противникот, преку филибастеринг и амандмански опструкции, какви што ВМРО-ДПМНЕ правеше тогаш за да оневозможи транзиција на власта, и какви што впрочем сега прават сите за да му наштетат на противникот.

Сето ова погоре беше вовед во најфлагрантниот престап со кој судбината на Собранието како неуспешен експеримент на вечната транзиција беше запечатена. Кога референдумот за промена на името не успеа, власта наместо да ја почитува плебисцитарната одлука направи скандалозни вратоломии да ја спроведе меѓународната директива за Северна. Уценувајќи и кооптирајќи опозициски пратеници против кои се води судски процес, обезбеди двотретинско мнозинство и ги докрајчи и последните илузии за некаков претставнички модел и демократски суверенитет на државата.

Она што се случуваше во Собранието изминатава недела беше далечно ехо од посмртните крици на демократијата, како резултат на преседаните воспоставени досега. На крајот на целиот хаос, уште еднаш се уверивме дека парламентот не му служи на народот, туку исклучиво на партиските елити, кои го инструментализираат за трговија, дворски игри и меѓусебно поткусурување. Во суровата борба за превласт, не се бираат средства – од погазување на сопствената идеологија за очајничко формирање на неприродни коалиции, до поткупување и потенцијално киднапирање на пратеници.

Од расплетот во четвртокот не доби никој и само се потврди фактот дека сите се исти и морално банкротирани. Собранието е неповратно корумпирано и изворот на таа корупција се партиите, како носители на таканаречената претставничка демократија, а всушност ништо повеќе од обични мешетари и манипулатори. Сите тие се виновни за неговото пропаѓање, и јасно е за сите освен за фанатично лојалните партиски ботови дека нема ниеден чист и добронамерен во таа збирштина.

Да имаше еден таков, тогаш лесно ќе се препознаеше, затоа што ќе имаше единствена цел расформирање на таа институција и нејзино целосно преобликување во нешто сосема ново. Што би можело да биде тоа? Буквално тоа што треба да биде – народно собрание, во кое претставниците не се бираат на избори како партиски кандидати, туку директно од народот, преку случаен избор кој би обезбедил совршена демографска застапеност.

Деталите на ваквата идеја можат да се разработат, ако се прифати нејзината основна премиса. Единствената пречка за ова се партиите, на кои претставничката демократија им дава изговор за нивните расипани шеми. За да го оправдаат сопственото опстојување, тие ќе до крај ќе ја искористат пропагандната машинерија за да ја исмеат замислата за директно демократско собрание како утопистичка. Во сегашниот контекст, тоа ќе им помине, затоа што конформизмот е пресилен да биде предизвикан од радикални идеи, иако сите сме свесни дека овој систем постојано води само кон полошо.

Меѓутоа отвореноста кон промена на изборниот модел може да ги премости овие разлики. Во моментов се зборува за една изборна единица, но ако се отвори широка дебата, тогаш опција е и другиот крај на спектрумот – 120 изборни единици. Со ова локалната политика би се пресликала на централната, што е единстениот лек за сегашната болест на демократијата.

Ако имаме парламент биран според ваков модел, тогаш имагинацијата може да се ослободи и да не одведе кон следниот чекор – бикамерализам во кој вториот дом ќе се бира по горенаведениот принцип на сортиција (директно по случаен избор). Со зборовите на Виктор Иго, не постои ништо помоќно од идеја чие време е дојдено. Потребно е само вистинските прогресивни сили на оваа земја да застанат зад неа. А тие не се во парламентот.

Проф. Иво Босилков

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини