Виена почна да ги вакцинира децата на возраст од пет до 11 години

од Nikola Popovski
358 прегледи

Децата во Виена може да почнат да примаат вакцина против коронавирус следната недела како дел од пилот проект, објавија денеска австриските медиуми.

Австриската телевизија ОРФ објави дека околу 200 деца на возраст меѓу пет и 11 години од понеделник ќе можат да ја добијат вакцината „Фајзер“ во главниот град на Австрија.

Пилот проектот е ограничен само на Виена и не се однесува на остатокот од земјата.

Во Соединетите Американски Држави и Израел, децата на таа возраст веќе можат да ја примат вакцината против корона, но Европската агенција за лекови (ЕМА), која го регулира одобрението во ЕУ, сè уште не ги одобрила за деца под 12 години.

ЕМА на почетокот на неделава објави дека започнала со евалуација на вакцината Модерна за деца на возраст од пет до 11 години, а од минатиот месец ја оценува и вакцината на Фајзер/Бионтек за истата возрасна група.

Агенцијата не соопшти кога ќе донесе одлука за овие две вакцини, но медиумите јавуваат дека барем за Фајзер одлуката би можела да биде донесена пред Божиќ.

Бидејќи бројот на инфекции расте низ Европа со алармантна брзина, одобрувањето на вакцините за мали деца ќе донесе олеснување за милиони семејства низ ЕУ.

Иако нема официјално одобрение за итна употреба на вакцина за таа возраст, неколку педијатри во Австрија веќе вакцинираат помали деца бидејќи побарувачката е голема, а стапката на заразени во земјата расте, објави ORF.

Австрија се соочува со загрижувачки скок на инфекција во последните недели. Денеска се пријавени 13.152 случаи, што е скок во однос на 11.798 колку што имаше претходниот ден.

Стапката на зараза од седум дена е 775,5 нови случаи на 100.000 жители. За споредба, стапката на седум дена во соседна Германија е 277,4 на 100.000 жители, а Германија веќе предупреди на зголемување на бројот на заразени.

Слични содржини