Од утре, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ќе оствари дводневна работна посета на Брисел. За време на посетата, Османи, на покана на претседавачот со ПСЈИЕ, министерот на Грција, Никос Дендијас, ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ПСЈИЕ. Во рамките на министерскиот состанок, Османи ќе има одвоена билатерална средба со министерот за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев.
Програмата на посетата на Османи предвидува и учество на дебата „Дискусија за иднината на Европа – перспективи и придонеси од Западен Балкан”. Имено, под чадорот на новиот формат „Б6″, лансиран во Охрид на маргините на „Преспа форумот за дијалог”, министерот Османи во соработка со Колеџот на Европа од Бриж, иницираа ваков заеднички настан. Целта на иницијативата е министрите за надворешни работи од Западен Балкан, заедно со ко-претседавачите на Конференцијата за иднината на Европа; потпретседателската на Европската комисија, Дубравка Шуица; европратеникот, Гај Верхофштад и државниот секретар на МНР на Словенија, Гашпар Довжан да дадат инклузивен и сеопфатен придонес во пошироката европска дебата за еден од најважните проекти на ниво на ЕУ – Конференцијата за иднината на Европа.
Агендата на Османи во Брисел опфаќа и средби со високи претставници на Европските институции, меѓу кои и Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи и Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград – Приштина.
Во програмата се предвидени и средби со високи официјални претставници на Европскиот парламент и европарламентарци, меѓу кои со копретседавачот со заедничкиот парламентарен комитет помеѓу ЕУ и МК, Андреас Шидер, со известителот за Северна Македонија, Илхан Кјучук како и со координаторот во АФЕТ, Михаел Галер.
Клучна точка на разговорите ќе биде европското досие на Северна Македонија, регионалните случувања и политичките актуелности во државата. Фокусот на Османи ќе биде ставен на реафирмација на силната проевропска програма на Владата, определеноста за унапредување на добрососедските односи и продолжувањето на реформските процеси со ЕУ предзнак.
Во рамките на работната посета на Брисел, Османи се очекува да има интервју за угледниот бриселски веб сајт „ЕУ Обзервер” и за „Агенција Европа”.