Каде е Шуаи Пенг: Првиот човек на ВТА не верува на нејзиниот мејл од Кина

од Vladimir Zorba
295 прегледи

Стив Сајмон, претседател на Женската тениска асоцијација (ВТА), зборуваше за писмото што наводно го добил од исчезнатата кинеска тенисерка Шуаи Пенг, велејќи дека „тешко му е да поверува“ дека таа е автор на е- поштата.

Две недели откако Шуаи Пенг го обвини поранешниот кинески вицепремиер Џанг Гаоли за сексуална злоупотреба, единствената трага што може да се најде за кинеската тенисерка е писмото што таа го испрати до претседателот на ВТА.

Писмото, односно мејлот испратен до Сајмон, го објави кинескиот државен медиум „CGTN“, но многу новинари, па ни самиот Сајмон, не се убедени дека Пенг е безбедна, односно дека таа воопшто го напишала писмото.

Набргу по добивањето на мејлот, се огласи првиот човек на чадор организацијата на женски тенис:

„Изјавата објавена денеска од кинеските државни медиуми, а која се однесува на Шуаи Пенг, само уште повеќе ме загрижи за нејзината безбедност и каде се наоѓа. Тешко ми е да поверувам дека Шуаи Пенг ја напишала таа е-пошта или да верувам дека е напишана во нејзино име. Пенг Шуаи покажа неверојатна храброст обвинувајќи го поранешниот висок лидер во кинеската влада. ВТА и остатокот од светот мора да добијат јасен доказ дека е безбедна. Постојано се обидував да дојдам до неа на неколку различни начини, но не можев. Пенг Шуаи мора да има право да зборува слободно, без притисок или заплашување од никого. Нејзините наводи за сексуална злоупотреба мора да се почитуваат и да се истражат на целосно транспарентен, нецензуриран начин. Мораме да ги почитуваме и слушаме гласовите на жените, без цензура“, подвлече Сајмон.

На социјалните мрежи е лансирана акцијата „Каде е Шуаи Пенг?“ која од час во час се зголемува, а се приклучуваат и луѓе кои немаат никаква врска со тенисот.

Слични содржини