Кина ја отфрли заканата на Бајден за бојкот на ЗОИ во Пекинг

од Vladimir Zorba
390 прегледи

Кина денеска ја отфрли заканата на американскиот претседател Џозеф Бајден за дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг, наведувајќи дека одбиваат „да ги мешаат политиката и спортот“.

„Мешањето политика и спорт е спротивно на олимпискиот дух. Обвинувањата на САД против Кина за човековите права се лишени од вистината и целосно неосновани“, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи – Жао Лиџијан.

Бајден вчера изјави дека неговата земја размислува за дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри закажани за февруари, во знак на протест поради кршењето на човековите права во Кина.

„Тоа е нешто за што размислуваме“, им рече Бајден на новинарите, пренесe Бета.

Бојкотот би значел дека на Игрите одат само американски спортисти, но не и официјални претставници кои ја претставуваат земјата.

Оваа обновена тензија меѓу САД и Кина доаѓа само неколку дена по виртуелниот самит на Бајден и неговиот кинески колега Си Џинпинг, кој траеше околу три часа и на кој, како што се очекуваше, немаше договор за некои контроверзни прашања.

„Вашингтон пост“ во вторникот објави дека Белата куќа треба да ја објави одлуката за дипломатски бојкот до крајот на ноември.

Дипломатскиот бојкот на Игрите во Пекинг во мај беше предложен од претседателката на Претставничкиот дом, член на Демократската партија, Ненси Пелоси.

Неколку членови на Републиканската партија во САД го повикаа Бајден земјата целосно да ги бојкотира Игрите и да не одат ниту официјални лица ниту спортисти во Пекинг. Тие ја осудуваат репресијата на Ујгурите, муслиманската заедница во провинцијата Ксинџијанг, репресија која американската влада ја опишува како „геноцид“.

„Заканата за нашите спортисти и злосторствата против човештвото извршени од Кина не ни оставаат избор“, рече во четвртокот сенаторот Том Кoртон.

Американскиот олимписки комитет се противи на целосен бојкот, објаснувајќи дека Игрите се важни по неколкумесечни пандемии. Исто така, Комитетот е на мислење дека бојкотите на Игрите во Москва во 1980 година и оние во Лос Анџелес во 1984 година покажаа дека е „грешка“ да се користат овие настани како „политичко оружје“.

Слични содржини