„Дали ЈП ЛАЈКА треба да се плаши да си ја врши дејноста за која е регистрирана согласно закон? Вештачки креираните тензии и хајки кон ЈП Лајка продолжуваат во континуитет. Одредени групи и поединци кои масовно шират паника и хистерија на социјалните мрежи очекуваме во најкус можен рок да се извинат на сите вработени во претпријатието кои чесно, одговорно и согласно закон си ги вршат своите работни задачи“, се вели во соопштението на јавното претпријатие.
Се чини дека ширењето невистини по социјалните мрежи стана пракса пред официјално да се испрати допис до нашата институција и пред да се добие официјален одговор. Сега, одма, веднаш и во најкус можен рок во петок навечер е практично невозможно да се даде било каков одговор и е премногу тенденциозно.
Ниту едно јавно претпријатие не работи во 19 часот и 23 часот навечер во петок за да ви одговори на мејл на вашите прашања. Ние сме официјална институција и секогаш даваме официјални одговори кога ќе бидеме контактирани на мејл. Ниту нешто криеме, ниту некогаш сме останале должни со одговор. Апсолутно непотребно е социјалните мрежи да бидат преплавени со неофицијални преписки без притоа да се побара одговор од нас.
Ниту еден вработен на инфо пултот не е должен да трпи навреди и терор и да биде вознемируван со безброј повици.
Ова јавно претпријатие има едвај 30-тина вработени кои го носат товарот за цело Скопје и нема капацитет 24/7 точно да одговара на неофицијалните канали на комуникација на претпријатието.
Потсетуваме дека ЈП Лајка е сервис на сите граѓани. И оние кои сакаат кучиња, и оние кои помалку сакаат, и за оние кои се плашат, и за оние кои се каснати, нападнати но и за сите кои сакаат искрена соработка“, се вели во реакцијата на Лајка.