Кога ќе се спојат алчноста за профит на бизнисите и непретпазливоста во носењето одлуки на корисниците, се случуваат трагедии. Првите ветуваат мед и млеко во обидот да го зголемат своето конто на секој можен начин, а вторите принудно им ја даваат својата доверба, надевајќи се дека заедничкиот проблем во чие создавање учествуваат овој пат ќе ги одмине, и ќе можат барем накратко да ги искористат предностите на корупцијата за сопствените потреби.
Не зборувам за катастрофата со автобусот на Беса Транс, иако за секој читател на ова четиво асоцијацијата е очигледна. Доволно сурови за да ги обвинуваат жртвите можат да бидат само оние кои се доволно неодговорни да го ризикуваат животот на сопствените клиенти, како и нивните покровители од државата, во која не функционира ништо освен клиентелизмот, поткрепен од некомпетентност.
Меѓутоа по трите дена жалост, анализи и шпекулации, време е барем во јавната сфера да ги оставиме душите на загинатите да почиваат во мир. Времето не можеме да го вратиме, и пеколот кај Перник не можеме да го спречиме. Она што можеме да го спречиме е продолжување на експлоатацијата на наивните граѓани кои само сакаат подобар живот за себе. Така најдобро можеме да го чествуваме споменот на 45-те патници – преку борба да ја смениме општествената реалност која доведува до вакви исходи.
Затоа и почетната констатација не се однесува на случајот со автобусот. Се однесува на конструкцијата на висококатници на просторот спроти Холидеј Ин. Таму се уште можеме да издејствуваме промена, која ќе симболизира победа над овој нехуман систем и ќе ја инспирира понатамошната борба. Ова би било и доказ дека вистинските морални вредности се уште постојат, и дека можат повторно да бидат вредности на мнозинството, наместо на малкумина.
Спротивставеноста на интересот на многуте и малкуте е суштината на војната меѓу приватниот и јавниот интерес. Во Скопје и цела држава, последните триесет години оваа војна ја добива приватниот интерес. Бетонизацијата на урбаните површини е најеклатантниот пример за асиметричноста на оваа војна, и страотните последици по квалитетот на животот на мнозинството граѓани. Масовна сеча на зеленилото, недостаток од животен простор, недостапност на јавните услуги, енергетска зависност се директните последици на овој процес. На подлабоко ниво, тие се манифестираат на други начини: отуѓеност, стрес, депресија, респираторни и малигни болести, студ.
Последиците од урбаната мафија не се поинакви од оние на било која друга мафија – тие се смртоносни. Принципите на урбаната мафија се истите на туристичката. Неформална коалиција меѓу бескрупулозните бизнис моќници кои ги интересира само максимизација на профитот во секој поединечен проект, и политичките елити, кои ги интересира само провизијата од дозволите за градба кои ги издаваат. Оваа спрега дискретно манипулира со ДУП-овите, прекројувајќи ги за да овозможи максимизација на градежниот потенцијал на секоја слободна парцела, со што ја максимизира понудата и можноста за повеќекратно враќање на инвестицијата.
И кога пристапот кон проблематиката е ваков, тогаш многу лесно се прават ситни надминувања на дозволените рамки, заштедувања и други прекршувања, чии последици се придодаваат на тие погоре и се подеднакво смртоносни. Една од нив е и поголемата можност за пожари, која во комбинација со непристапност на противпожарни и амбулантни возила е нова потенцијална трагедија.
Но побарувачката е клучот, затоа што на таа страна се граѓаните, а нивно застанување на страната на профитерите е предавство на сопствените интереси. Тука нема никакви марксистички демагогии за класна солидарност. Нарушувањето на макро условите за живот на долг рок неминовно се одразуваат и на микроусловите. Градот функционира како организам во кој секоја акција има реакција, и кога таа акција ја влошува неговата општа здравствена состојба, таа ќе се прелее на секоја од неговите ќелии, вклучувајќи ја и оригиналната.
Во случајот кај Холидеј Ин, жителите на Ново Маало минатата недела се заканија дека ако некој се обиде да ја спречи целата операција остро ќе одговорат, со тужби и секакви други средства. Револтот на овие луѓе е разбирлив, затоа што нивните услови за живот во тој запуштен простор се навистина бедни. Она што не е разбирливо е зошто изборот пред кој сме исправени е или услови како во 19 век, или 20-катници кои ќе блокираат и сообраќајна и воздушна и духовна циркулација на тој простор?
Решение за Ново Маало мора да има, но тоа решение не смее да биде на сметка на неговата поширока околина. Избор меѓу две трагедии не е избор, затоа што порано или подоцна, ќе им се врати назад како бумеранг на луѓето кои виделе прилика покрај решавањето на нивното станбено прашање, да добијат и ситен бонус. Тие мора да знаат дека тој е само е трошка од бонусот кој ќе си го подели олигархијата со загушувањето на оваа локација.
На претходните локални избори десетици илјади скопјани гласаа за независни иницијативи чиј приоритет е застанување на патот на урбаната мафија. Овие организации одговараат пред нивните гласачи, и пред сите останати граѓани кои ќе бидат погодени од решавањето на случајот Холидеј Ин на ваков начин, кој ги фаворизира малкуте во однос на многуте. И тие организации ќе се спротивстават на градбата, затоа што го гледаат градот како органска целина, за чија судбина одлучуваат сите заеднички, а не секое маало поединечно. Во политичкиот процес, ваквото одлучување се нарекува референдум, и тие организации мораат да го обезбедат во случајов.
А кога на референдум проектот ќе падне, тие организации мораат да создадат услови за ново, компромисно, одржливо решение, со кое ќе бидат задоволени и реалните потреби на жителите на населбата. Тоа единствено можат да го сторат преку интеракција со овие граѓани, и вклучување на нивните пошироки соседи и на експертите во таа интеракција.
Методот за ова се јавните форуми, кои исто како и референдумот се форми на директна демократија – единствената алтернатива на сегашниот политички систем кој произведува трагедии како Беса Транс и потенцијални трагедии како висококатниците кај Холидеј Ин.
Проф. Иво Босилков
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.