Од денеска достапни само биоразградливи кеси

од Берта Китинска
335 прегледи

Од денеска стартува забраната за употреба на пластични кеси во трговијата и на пластични амбалажи во угостителските објекти во подрачјата заштитени со закон. Дозволена ќе биде само продажба на биоразградливи кеси кои ќе бидат екстра лесни и за кои ќе се плаќа надоместок од 15 денари, кој во поголем дел ќе оди во Фонд за заштита на животната средина.

-Идејата е да се намали употребата на пластика. Оние средства што ќе се создаваат од тие 15 денари при секое купување на кесе ќе одат во фонд со кој ќе се инвестира во животната средина, исто така ќе се инвестираат во свесноста на нашите граѓани, како да го третираме отпадот во нашата држава. Идеологијата е дека загадувачот ќе плати,извести пред извесно време министерот за животна средина Насер Нуредини.

Според законот, производителите на пластични кеси и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост.

-Законот предвидува: забрана за употребата на пластични кеси на пазарот во земјава, забрана за пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во државата, дозволена употреба на биоразградливи кеси за носење на стоки, кои се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост, надоместокот за употреба на биоразградливите кеси за носење на стоки ќе изнесува 15 денари за парче, стои во соопштението од Владата.

Новиот правилник за стандардите за биоразградливост е донесен и се очекува неговото објавување во наредниот број на Службен весник на Република Северна Македонија. До неговото стапување на сила важи постојниот Правилник.

Слични содржини