Османи: Благодарност до САД за цврстата поддршка за остварување на евро-атланските аспирации

од Берта Китинска
195 прегледи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес на маргините на Министерскиот состанок на НАТО, во Рига оствари билатерална средба со помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид.

На средбата беше разговарано за билатералните односи меѓу двете земји, соработката во НАТО, eвро-атланските перспективи на Република Северна Македонија, како и за актуелните политички состојби во земјата и во регионот.

„САД е наш долгогодишен стратешки сојузник и партнер. Како сојузници во НАТО, фокусирани сме да ги зајакнеме односите во областите на безбедноста, одбраната, демократското функционирање на институциите, борбата против глобалниот тероризам, слободната пазарна економија и да ги прошириме можностите за деловните активности на двете земји” – истакна министерот Османи.

Министерот Османи, нагласувајќи ја важната улога на САД во постигнувањето долгорочна стабилност, демократизација и просперитет на нашата држава и регион, се заблагодари за континуираната, цврста поддршка од САД на остварување на евро-атланските аспирации на Република Северна Македонија.

Соговорниците заемно ги оценија билатералните односи меѓу двете земји како исклучително блиски, засновани на стратешко партнерство и соработка, и се договорија во претстојниот период посветено да работат за натамошно унапредување на дијалогот и соработката во сферите од заемен интерес.