Зошто мерката за пластичните кеси е елитистички популизам?

од Vladimir Zorba
839 прегледи

Кога една владина мерка е неуспешна, тогаш тоа е или затоа што мерката е популистичка, или затоа што е елитистичка. Но во случајот со поскапувањето на пластичните кеси на власта и успеа навидум невозможното: да донесе мерка која е истовремено и двете!

Во политичката теорија популизмот и елитизмот се два спротивставени феномени. Според популистите, светогледот на елитата е ограничен од луксузот во која живее, и одлуките кои ги носи елитата се несоодветни поради фундаменталното неразбирање за состојбата во која егзистира обичниот граѓанин. За елитистите, мерките кои тие ги носат се правилни на долг рок дури и ако во моментот се на грбот на граѓаните, а популистичките мерки предизвикуваат само краткорочна еуфорија кај народот.

Во суштина, една мерка сама по себе не може да биде ниту елитистичка ниту популистичка. Во која од овие две категории припаѓа зависи од тоа кој ги носи и со која цел. Она што го знаеме е дека за елитите, мерките немаат никакво влијание. Тие поединечно можат да изберат дали ќе имаат еколошки животен стил, и никому не му одговараат за тој нивен избор. За нив поскапувањето на цената на пластичните кеси во супермаркетите не значи ништо.

Партиските структури на власт кај нас се сметаат себеси за општествена елита, и поради тоа, тие веруваат дека со мерката направиле мудар потег, каков што доликува на социјалниот капитал кој го акумулирале и статусот кој го уживаат во општеството. На овој начин, тврди министерот Нуредини, ќе се развива еколошката свест кај граѓаните, за постепено и тие да дојдат до степен на развој со кој ќе можат да размислуваат за нивниот личен импакт врз животната средина, по примерот на „напредната” елита.

Проблемот е што компетентноста на нашата партиска елита е обратнопропорционална со високото мислење кое го има за себе. Истиот Нуредини изјави дека новата цена на кесите била фактички предмет на аукција меѓу извршната и законодавната власт, во која господата министри и пратеници на крај се согласиле на компромисот од 15 денари. Со други зборови, цената на новите кеси е целосно арбитрарна, наместо базирана на издржани податоци и прецизни анализи, и за неа одлучуваат луѓе на кои им е сеедно дали кесата ќе биде 10, 15, 20 или 200 денари.

Како да се пренасочи фокусот од сржта на проблемот – кој, како и зошто ги носи овие одлуки? Се разбира, преку популизам. Колку и да се нарцисоидни во својата убеденост дека власта природно им следува, елитите мораат некако да се претстават пред народот дека се дел од него и дека се потпираат на здрав разум во процесот на одлучување. Има ли подобар начин да го замаскираат сопствениот дилетантизам со наративи за високо морален пристап во тој процес, без некакви комплексни научни процедури, туку само со пазар во четири очи? Две муви со еден удар!

Ова е само мал прозорец во популистичките финти на естаблишментот. Во големата слика, поскапувањето на кесите е класична плукни-залепи полумерка, изолирана од било какво систематско влегување во борба со загадувањето. Кесите за отпад, кои остануваат во употреба, ќе продолжат и понатаму да гнијат на депониите заедно со несортираното ѓубре во нив, се само врвот на ледениот брег. Пластиката е навлезена во секоја пора од животот. Големите индустрии кои увезуваат токсично масло како мазут остануваат недопирливи. Бетонизацијата се одвива со пеколно темпо. Било каков организиран систем за третман на отпад не е ниту на повидок.

Нека биде јасно: ситуацијата со животната средина во земјава претставува тотална елементарна непогода. Кога куќата гори, се вклучуваат сите пумпи за гаснење на пожарот. Наместо ова, естаблишментот користи тенка сламка, за да истура капка по капка врз огнената стихија. Ова е наједноставната метафора за мерката со пластичните кеси, која властите совршено знаат дека граѓаните нема да ја критикуваат гласно, за да не бидат етикетирани како непријатели на зелените политики.

Манипулативниот популизам на владата во однос на ова прашање е суштинска компонента на целата лакрдија. Естаблишментот научи дека зелените политики се сега „ин”, дека во мода се климатски промени, одржливост, зелени работни места, и сите останати фенси флоскули кои не значат ништо друго освен слепо продолжување по истиот курс. Вистинските екологисти ова го нарекуваат гринвошинг, и знаат дека е наменето само за бренд и имиџ. Ваквата мерка е само залажување дека нешто се прави, но уште помалициозно, и дека ситуацијата сепак не е толку лоша.

Травестија е во најзагадената држава во Европа најрешителната мерка за справување со проблемот да е поскапување на кесите, кое ќе удри по џебот на граѓаните. Екологистите имаат десетици барања кои се поприоритетни од оваа мерка, но тие со години не допираат до властите. За вториве, многу е полесно одговорноста да биде префрлена кај граѓаните и нивниот личен избор. Но иако еколошката криза ќе не погоди сите
подеднакво, немаме сите подеднаков удел ниту во нејзиното создавање, ниту решавање.

Оние со моќ да мобилизираат ресурси за справување со причината за 3000 смртни случаи годишно, наместо тоа продолжуваат да ни ги мачкаат очите.

Проф. Иво Босилков

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини