Заев: Новата коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина на државата

од Vladimir Zorba

„Стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада значи дека новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните на Северна Македонија“, изјави денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференција, заедно со лидерот на Алтернатива – Африм Гаши.

Новото мнозинство, според него, е одговор на барањето и потребите на граѓаните за стабилност.

„Граѓаните бараат стабилност – еве, испорачуваме стабилност. Новото мнозинство е одговор на потребите на државата и на предизвиците кои се исправени пред нас како општество. Вредноста на овој Договор создаден заради интересот на граѓаните е што е постигнат низ консултации и со искрен пристап кон предизвиците кои заеднички ги споделуваме“, истакна Заев.

Посочи дека партиите се здружиле околу заедничката определба дека во овие моменти најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет и преземањето јасно утврдена одговорност пред граѓаните. Тоа, според премиерот, е исклучиително важно во време на сериозни предизвици, дома и на глобален план.

„Постигнатиот договор е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговори за членство во ЕУ, односно изнаоѓањето решение со Република Бугарија, понатаму, справувањето со ковид-19 панедмијата и се разбира глобалната енергетска криза.
Како коалициони партнери од новото стабилно парламентарното мнозинство, едногласни сме дека на Северна Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати во интерес на граѓаните, посебно во време кога е неопходен јасен евроатлантски курс на дејствување. Само во такви услови можеме да чекориме напред, да продолжиме достоинствени да бараме решение со Бугарија и да очекуваме почеток на преговорите со ЕУ“, додаде Заев.

Упати порака до ЕУ и Бугарија: „Во Северна Македонија има зголемено и стабилно парламентарно мнозинство и подготвени сме на европски начин со дијалог и меѓусебно почитување и разбирање да го надминеме проблемот и да го сочуваме и надградиме нашто пријателство меѓу двете држави и двата народи. Ние сме братски народи“.

Слични содржини