Маричиќ: „Диво Насеље“, „Монструм“, „Алфа“ и „Малиот Алмир“ се случаите за кои е договорен мониторинг

од Берта Китинска
410 прегледи

„Диво Насеље“, „Монструм“, „Алфа“ и „Малиот Алмир“ се случаите за кои е назначено дека ќе има меѓународен мониторинг во договорот што го потпишаа премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши, потврди министерот за правда Бојан Маричиќ во гостувањето на ТВ21.

„Колку што знам, тие се случаите кои биле дискутирани и кои се ставени во договорот на лидерите на двете партии. Логично е што предизвикаа голем број реакции, и кога ќе влеземе во суштината ќе видиме дека со овој договор не може да се влијае на тие случаи. Нема јавноста простор за загриженост дека политичките фактори ќе се мешаат во исходот или одлуките. Претходно, сме имале случаи кога политички партии барале мониторинг, сме имале ситуации и на барање на ВМРО-ДПМНЕ, кога се преговараше Законот за Јавно обвинителство, Владата побара мониторинг за случаите за висока корупција“, рече Маричиќ.

Тој напомена дека веќе побарале од ЕУ да прави некој вид мониторинг, што почнал во јули и 20 такви случаи се набљудувани.

Случајот „Монструм“

Случајот „Монструм“ се однесува на петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, во пресрет на Велигден, кога живото го загубија четири момчиња од македонска националност на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од селото Црешево.

Во првиот судски процес шестмина обвинети (Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки и Фејзи Азири и Сами Љута) се гонеа за тероризам и добија доживотни затворски казни. Меѓутоа, кога предметот стигна пред Врховниот суд, тогашната в.д. републичка обвинителка Лилјана Спасовска се согласи жалбите на обвинетите да се усвојат и случајот да се врати на повторно одлучување за утврдување на фактичката состојба. Во ноември 2017 година таква одлука донесе и Врховниот суд, а во повторениот судски процес обвинението го застапуваа обвинителите од СЈО, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Во повтореното судење обвинителството остана на барањето Алил Демири и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ да добијат доживотен затвор за делото тероризам, додека за Фејзи и Хаки Азири побара помали казни за помагање, а се откажа од гонење на Сами Љута поради немање докази.

Основниот кривичен суд Скопје првостепената пресуда, ја донесе на 23 февруари годинава со која ги осуди: на доживотен затвор по Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ; 15 години затвор за Фејзи Азири; 9 години за Хаки Азири; и ослободителна пресуда за Сами Љута.

Случајот со малиот Алмир

Судот му изрече 6 години затворска казна на 30-годишниот Бобан Илиќ, кој со своето возило на 25 јуни 2016 година го усмрти четиригодишниот Алмир Алиу. Кумановскиот суд им изрече и казна затвор од шест до девет месеци на Седат Алиу, Сами Демири и Абдула Алиу.

Првично, Илиќ беше обвинет за кривичното дело Убиство, предвидено во членот 123 ст. 2 т. 3 од КЗ на РМ, кое подоцна беше преквалификувано во тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Преквалификацијата на делото предизвика реакции во јавноста. Четворица јавни обвинители од Јавното обвинителство на РМ испратија соопштение до јавноста во кое известуваат дека се против одлуката на Основното јавно обвинителство Куманово и Основниот суд во Куманово да се преквалификува делото во случајот со смртта на малиот Алмир.

Случај „Алфа“

Судот му одреди доживотна казна затвор на за Алмир Дрпљанин обвинет за убиство на полицаецот Африм Арифи. Дрпљанин е еден од тројцата кои 2008та кај ПМФ нападнаа тим на алфите. На обвинетиот му се судеше во отсуство но по неговата екстрадиција предметот беше повторно вратен во суд. Во земјава беше екстрадиран од косовскиот затвор минатата година.

Тој заедно со Ќерим Реџаил, Исмаили Агил и уште двајца до сега непознати сторители во 2008ма на паркингот кај факултетот од возило голф испукале 70 куршуми кон полицискиот автомобил. За Арифи куршумите беа смртоносни, другите двајца негови колеги останаа трајни инвалиди.

Според еден од сведоците, Дрпљанин купил од него регистерски таблички, за кои полицијат тогаш утврди дека биле монтирани на голфот од кој било пукано. Алмир Дрпљанин важи за еден од најбараните криминалци и се поврзува со убиствто од крвна одмазда во Визбегово пред повеќе години. Тој се сомничи и за грабежи на Прокредит банка и Комерцијална банка. Претходно доби 8 години затвор за разбојништво врз комбе на Македонски пошти во Чаир.

„Диво насеље“

По крвавите настани во кумановската населба „Диво насеље“, епилогот на судскиот процес се седум казни доживотен затвор,13 казни затвор од 40 години и други пониски казни, како и четворица ослободени.

Крвавиот инцидент во Куманово се случи откако започна објавувањето на ткн. бомби. Тогашната опозиција СДСМ обвинуваше дека нападот бил обид да се дефокусира вниманието на јавноста од „бомбите“ и од масовните протести во Скопје, додека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги обвини „терористите“ од соседно Косово дека сакаат да ја дестабилизираат земјата.

Два дена по крвавиот судир, оставки од функциите поднесоа тројца високи функционери кои важеа за блиски до поранешниот премиер Никола Груевски: тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, директорот на УБК, Сашо Мијалков како и министерот за транспорт Миле Јанакиески.

Слични содржини