„НАТО штити, обединува и зацврстува“: Одбележано вклучувањето на небото на Македонија во системот за воздухопловно патролирање

од Nikola Popovski
307 прегледи

Два борбени авиони Ф-16, НАТО авион Авакс, грчки ловци и државниот авион Лирџет, кои учествуваат во воздухопловни патроли над Македонија, денеска слетаа на меѓународниот аеродром Скопје.

Слетувањето на тие три воени авиони, кои претходно го прелетаа Скопје, го означи официјалното вклучување на воздушниот простор на Северна Македонија во системот за воздухопловно патролирање на НАТО.

-На настанот кој практично покажа како се реализира НАТО мисијата за воздухопловно патролирање над Северна Македонија присуствуваа министри во Владата, пратеници во Собранието и претставници на воено-дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадорката на САД, Кејт Брнз и грчкиот амбасадор Русос Кундурос. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска пред присутните порача дека на денешниот настан може во реалноста да се види што значи НАТО да заштитува, да обединува и да зацврстува, соопштија од Владата.

Министерката истакна дека Северна Македонија беше сигурен партнер на Алијансата, а сега е сигурен сојузник во НАТО на кој може да му се верува.

-Шекеринска се заблагодари на нашите грчки сојузници кои покажаа подготвеност со свои капацитети да го заштитуваат нашето небо, што е приказ за тоа како треба да соработуваат две соседни, пријателски и сојузнички земји, стои во соопштението.

Командантот на комбинираниот воздухопловен оперативен центар во Торехон, генерал Фернандо Де ла Круз Каравака изјави дека мисијата „ер полисинг“ на НАТО слави 60 години и дека е основана од Алијансата во постигнување заеднички цели.

„Ова им овозможува на сојузниците да работат заедно за да ја гарантираат безбедноста на воздушниот простор, вклучувајќи го сега и небото на северна Македонија. Авионите на НАТО што ги гледате денес се пример за оние 24/7 кои го гарантираат нашиот мир, стабилност и просперитет на сите граѓани“, рече Де ла Круз Каравака.

Во таа мисија на НАТО за контрола и заштита на небото на сојузниците од средината на 2019 година беа ангажирани авионите на грчкото воздухопловство.

Оваа мисија не се фокусира на една специфична закана, туку е една од основните алатки за зачувување на безбедноста на НАТО.