Арсовска размислува за референдум за трамвајот на тркала

од Nikola Popovski
255 прегледи

Градоначалничката Данела Арсовска сериозно размислува да побара референдум за тоа дали граѓаните на Скопје сакаат да го видат воведувањето на Бас рапид транзит (БРТ) системот или трамвајот на тркала.

-Имавме состанок со ЕБОР, на кој што јас ги елаборирав сите работи кои се ризици во процесот. Тука имаме и состојба по која граѓаните одбраа поинаков концепт преку изборите. Во самата програма понудив проекти за кои граѓаните одлучија. Референдумот е една од опциите дали граѓаните сакаат едно или друго решение. Тоа не го исклучувам Ќе почнеме да го практикуваме за секое клучно прашање. За БРТ системот скопјани не се консултирани. Исто така, граѓаните не се запознаени целосно со проектот, а јас низ изборната кампања ги објаснив ризиците за овој вид на транспорт, рече Арсовска во емисијата „Само интервју“.

Арсовска неодамна имаше средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за проектот БРТ Скопје, но не беа објавени повеќе информации од средбата.

Со БРТ системот, кој е проект на претходниот градоначалник Петре Шилегов, се воспоставуваат две линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици.

Делницата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, предвидено е да се поминува за околу 30 минути. Меѓу станиците се постигнува брзина на движење од 50 километри на час.

Слични содржини