Сите тројца кандидати имаат подеднакви шанси за победа во недела, смета пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска во пресрет на внатрепартиските избори во владеачката партија во недела. Таа отворено застана позади кандидатурата на заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски.
-Претседателот Заев го кажа своето мислење затоа што и тој е еден од членовите кои имаат право на свое мислење. Тоа нема да влијае на трката. Сите имаат еднаков простор за да се претстават со своите програми, платформи и идеи за начин на дејствување во партијата. За Ковачевски можеби велат дека е изненадување, но за мене не е. Изненадување се можеби другите кандидатури, потенцира Петровска во емисијата „24 анализа“.
Таа додава дека „не верува дека треба да ги занемариме квалитетите на Димитар Ковачевски како личност“.
-Фрлањето на сенка дека тој ќе победи поради поддршката на Заев и поради ништо друго, не е коректно. Тој во Собранието како заменик-министер беше безброј пати присутен и не бегаше од дебата. Тоа може да биде незгодна средина. Гледајќи го сето тоа и разговарајќи, не би сакала да го занемарам неговиот потенцијал. Не би прејудицирала, но сметам дека тој што ќе победи ќе мора да донесе вистински одлуки од понеделник, посочува Петровска.