Проектите ги одобрува Комитетот за одобрување на инвестиции според строги критриуми, а не ФИТР, изјави на денешната прес-конференција директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), на која присуствуваа онлајн и членовите на Комитетот за одобрување на инвестиции.
-Во последните денови опозицијата секојдневно шири лаги, манипулации и лажни вести, за работата поврзана со Фондот за иновации и технолошки развој. Иако ја сфаќам политичката ситуација во државата, иако дел од нападите се врз мене, сепак не ми е јасно како опозицијата си дозволува да омаловажува наши корисници, да исмејува луѓе, кои решиле да отворат сопствен бизнис и да ги развијат и реализираат своите идеи во нашата држава, изјави Петров.
Петров посочи дека ФИТР во моментов има 788 корисници со заеднички инвестиции од 88 милиони евра, 55 проценти од тие инвестиции се на Фондот, а 45 проценти од страна на корисниците.
– Полека, но сигурно, стигнуваме до совршениот модел на инвестирање, каде за секое евро инвестирано од државата има евро инвестирано од приватните корисници, рече Петров.
Тој објасни сите пријавени компании поминуваат процес на претселекција спроведена од три домашни стручни лица. Секоја компанија која има над 51 поен, поминува во финална селекција, а финалната селекција ја прави Комитетот за одобрување на инвестиции, кој е избран на јавен интернационален оглас.
– Комитетот за одобрување на инвестиции е единственото тело кое ги носи одлуките која компанија ќе се финансира, а која не. Напоменувам, ниту еден вработен во ФИТР не е инволвиран во носењето на одлуките кои проекти кои ќе бидат финансирани, а кои не, рече директорот на ФИТР.