Ердоган: Социјалните мрежи се меѓу главните закани за демократијата

од Берта Китинска
303 прегледи

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ги опиша социјалните мрежи како една од главните закани за демократијата.

Администрацијата на Ердоган планира да воведе закон со кој ќе се казнуваат лажни вести и дезинформации на интернетот, но критичарите велат дека предложените измени само ги заоструваат забраните за слободата на говорот.

„Социјалните мрежи, опишани како симбол на слободата кога првпат се појавија, станаа еден од главните извори на закани за денешната демократија“, рече Ердоган во видео пораката на конференцијата за комуникација организирана од владата во Истанбул.

„Се обидуваме да ги заштитиме нашите луѓе, особено чувствителните делови на општеството, од лаги и дезинформации без да ги нарушиме правата на нашите граѓани да добиваат точни и непристрасни информации“, рече тој.

Минатата година Турција донесе закон со кој социјалните мрежи со повеќе од милион корисници бараат да имаат правен застапник и да складираат податоци во земјата.

Многу компании, вклучително и Фејсбук, Јутјуб и Твитер, во меѓувреме отворија канцеларии во Турција.

Новите прописи ќе воведат кривична одговорност за ширење „дезинформации“ и „лажни вести“, а на прекршителите им се заканува затворска казна до пет години, објавија провладините медиуми. Ќе се воведе и регулатор за социјалните мрежи.