Каде ќе игра Мбапе следното лето? „Се ќе биде готово веќе во јануари“

од Vladimir Zorba
282 прегледи

Повторената ждрепка од Лигата на шампионите веќе во осминафиналето на ова натпреварување ги спои Реал Мадрид и ПСЖ. Ова дерби освен што е најголемо по имиња во оваа фаза од натпреварувањето, ќе има и дополнителна димензија кога ќе се земе предвид дека се работи за клубови кои со месеци жестоко се борат за Килијан Мбапе.

ПСЖ прави се за да потпише нов договор со Мбапе и да го спречи да си замине од клубот без обештетување. Да потсетиме, договорот на Мбапе со ПСЖ истекува следното лето, а по 1 јануари тој има право да разговара со Реал Мадрид и не мора да го информира актуелниот клуб.

Шпански „Ас“ денеска објави текст за овој случај во кој тврди дека така ќе биде и дека ПСЖ ја изгубил секоја шанса да го задржи Мбапе во клубот.

„Познато е дека за 16 дена Мбапе ќе може да разговара со Реал без да се грижи за ПСЖ. Штом дојде моментот, Мбапе ќе седне со претставниците на Реал Мадрид и ќе потпише договор до 2028 година. Сепак, договорот нема да биде официјално објавен додека не завршат натпреварите од осминафиналето на Лигата на шампионите во кои Реал и ПСЖ ќе ги одмерат силите на 15 февруари и 9 март следната година“, пишува „Ас“.

На другата страна сепак е француски „Л’Екип“, кој тврди дека се што пишува „Ас“ е неточно и дека Мбапе сигурно нема да потпише никаков договор пред март 2022 година.

„Мбапе нема да потпише ништо додека не се одиграат натпреварите со Реал Мадрид. Преговорите за нов договор со ПСЖ се во тек, но засега нема напредок. Сценариото сепак е многу песимистично за парижаните и засега се укажува на тоа дека Мбапе ќе си замине бесплатно на лето ПСЖ му го понуди последниот договор во август, според него тој би станал најплатениот фудбалер на клубот, но Французинот ја одбил понудата“, пишуваат француските медиуми.

Слични содржини