ЖОЗЕ МУРИЊО ја понуди својата јакна како подарок за опоравување на навивач кој колабирал во понеделникот за време на првенствениот натпревар против Специја.
„Кориере дело спорт“ објави дека 23-годишниот навивач доживеал срцев удар во текот на првото полувреме и дека бил лекуван со дефибрилатор пред да биде пренесен во болница.
После тоа, навивачите во еден дел од стадионот „Олимпико“ молчеа до крајот на натпреварот.
„Дознав за тоа дури по натпреварот и се надевам дека се ќе биде во ред со него. Тој може да ми ја испрати својата адреса и ќе му ја дадам мојата јакна за да може да ја облече следниот пат кога ќе дојде на стадион на овој студ“, рече Мурињо.
Рома победи на тој натпревар со 2-0 и сега е седма на табелата во италијанската лига. Заостанува 12 бода зад водечкиот Интер.