Во третото тромесечје Бруто домашниот производ бележи раст од три отсто. Покрај растот на БДП бележиме и сериозен раст на извозот кој во периодот јануари – октомври е зголемен за 29 отсто во споредба со истиот период од 2020 година, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
-Сето ова се податоци кои ја покажуваат успешноста на економските политики на Владата предводена од СДСМ. СДСМ како одговорна партија, преку институциите што ги предводи, постојано презема мерки за заштита и унапредување на економскиот стандард на граѓаните, вели и портпаролката.
Таа потсети дека Владата ги замрзнала цените на основните продукти до 31 јануари 2022 година. Покрај цените на лебот, брашното, зејтинот, млекото, сирењето и сувомеснатите производи, се замрзнува и цената на оризот, јајцата и тестенините.
Оваа одлука, рече таа е донесена со цел да се превенираат идни поскапувања на овие продукти кои македонските граѓани најчесто ги употребуваат во секојдневието.
„ И во следната 2022 година ќе продолжи растот на минималната плата, за што веќе се договара со синдикатите и бизнис секторот, а ќе продолжи и зголемувањето на пензиите, со цел зајакнување на животниот стандард и обезбедување повеќе пари во секое семејство“ додаде Кузеска.