Шахпаска: Зголемувањето на вработливоста кај младите останува приоритет

од Берта Китинска
246 прегледи

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска учествуваше на работниот состанок на Управувачкиот комитет на Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија Е4Е“, поддржан од Швајцарската агенција за поддршка и развој. На средбата која се одржа во Министерството за образование беше и министерката за образование Мила Царовска како и новата амбасадорка на Швајцарија Вероник Улман и тим лидерот на Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ Курт Вунтрих.

На состанокот се разговараше за досегашните резултати од Проектот од фаза еден и целите кои треба да се постигнат во втората фаза на Проектот (2022 – 2026) во која се вклучени политиките и мерките за вработување на младите луѓе. Нагласена беше потребата од поголема квалификувана работна сила и развој на вештините, дуалното образование на младите со кое уште во текот на средното образование се насочуваат кон професиите барани од компаниите и учење низ пракса.

Според министерката Шахпаска, проектот Е4Е во изминатиов период, главно беше насочен кон поддршката при имплементирањето на политиките за вработување, пред се во креирање на ефективна, ефикасна ориентација кон потребите на пазарот на трудот. Таа се осврна на политиките за подобрено вклучување на младите лица на пазарот на труд а особено на имплементацијата на Гаранција за млади.

„Имплементацијата на оваа програма преку Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување во нашата држава даде исклучително позитивни искуства и резултати, но сепак сеуште има предизвици со кои се соочуваме и кои мораме да ги надминеме. Таа беше насочена кон финансирање на работилници за обука на теренските работници задолжени за изнаоѓање и мотивирање на млади од 15 до 29 години да се вклучат во Гаранцијата за млади“, рече министерката Шахпаска.

Таа информираше дека во Оперативниот план за вработување 2021, за првпат се вградени три принципи: справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на труд и вработеноста, предизвикани од пандемијата на Ковид 19 со кој приоритет се дава на лицата кои ја изгубиле работата поради пандемијата, принципите на диверзитет и инклузивност и принципот за еднаков регионален развој.

Министерката Шахпаска се заблагодари за досегашната соработка и потенцираше дека и во наредниот период на заедничко задоволство соработката меѓу Министерството за труд и социјална политика и Проектoт Образование за вработување ќе продолжи како во досегашните активности така и во некои нови заеднички проекти а кои имаат за цел подобра инклузија на ранливите групи на пазарот на трудот во Република Северна Македонија.

Слични содржини