Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска го посети новоизградениот објект на ОУ „Димитар Македонски“ во населба Лисиче, кадешто подготовките и опремувањето за пуштање во употреба се во завршна фаза.
„Навистина ми е драго што подготовките се при крај и можеме да очекуваме враќање на учениците во училишните клупи од второто полугодие. Вкупната инвестиција за градежните работи е во висина од 57,8 милиони денари, а опремувањето на училниците и кабинетите со потребниот училишен инвентар е во износ од 2,5 милиони денари, средства обезбедени од МОН“, рече Царовска.
Министерството за образование и наука продолжува да инвестира во сите три столба важни за квалитетно образование – подобрување на училишната инфраструктура, нови наставни програми како и обука и поддршка на наставниот кадар, кој е клучот за квалитетно образование.
На овој начин, независно од која општина или населено место доаѓаат децата, МОН им обезбедува подобри услови за настава и подеднаков пристап до образование. Токму со оваа инвестиција ги подобруваме инфраструктурните услови за потребите на околу 700 ученици, кои во моментот се запишани во ова училиште.
Овој и уште многу други проекти на Министерството за образование и наука, се доказ дека посветено работиме на унапредување на националниот образовен систем кој е базата за создавање на сегашни и идни генерации кои ќе ја водат државата напред и ќе создаваат подобро општество за сите.