Британскиот министер за здравство Саџид Џавид ја шокираше јавноста кога во понеделникот објави дека тој ден во оваа земја со омикрон биле заразени околу 200.000 луѓе, а набргу потоа експертите објаснија како се случило тоа.
Кога Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија во понеделникот извести дека тој ден во оваа земја биле заразени со омикрон околу 200 илјади луѓе, во тој момент имало 59.610 потврдени новозаразени, од кои 37 илјади биле со омикрон.
Но, има голем број асимптоматски случаи и многу кои не биле тестирани тој ден, па ги нема во официјалната статистика и затоа не се вклучени во потврдената бројка на новозаразени. Да потсетиме, во Британија дневно се прават околу 800 илјади тестови.
Затоа од агенцијата велат дека претпоставуваат дека тој ден биле заразени најмалку 200.000 луѓе, додавајќи дека можно е бројката да биде и поголема. Тие порачаа дека сојот омикрон се шири со голема брзина и дека со него ќе се заразат речиси сите граѓани на оваа земја.
Повеќето случаи на омикрон се потврдени во Лондон, каде што бројот расте за 10 проценти секој ден и се удвојува на секои шест дена.
Експертите претпоставуваат дека дневниот прием во болниците во оваа земја би можел да го достигне својот пик во средината на јануари, кога ќе прима и до 2.000 луѓе дневно, пренесува порталот „Кликс“.