Стопиран тендерот за автобуско метро, од СДСМ велат: Aрсовска работи по инструкции на ДПМНЕ

од Берта Китинска
266 прегледи

Градоначалничката од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, уште во првите месеци од мандатот покажува неодговорен и нечесен однос кон граѓаните на Скопје, обвини на денешната прес-конференција Стефан Васев од СДСМ.

Како што рече тој, скандалозен е последниот потег на Арсовска да го прекине проектот Бас рапид транзит (БРТ), кој се спроведуваше со поддршка од Европската банка за обнова и развој.

Три години се работеше овој револуционерен проект кој има за цел да внесе нов систем на ефикасен и еколошки јавен превоз во главниот град. Многу важен за скопјани.Со средства од ЕБОР и со средства од градскиот буџет, направени се истражувањата и изработка на студијата на која учествуваа сообраќајни експерти од земјава и странство, како и проект за првата траса.Беше потпишан и договор со ЕБОР за наменски кредит од 70 милиони евра за изградба на двете траси на БРТ-системот.Сега, заради лични хирови, Арсовска го укинува овој проект којшто веќе е во процес на реализација и од висок интерес на скопјани, истакна Васев обвинувајќи дека скопската градоначалничка работи по инструкции од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

Арсовска, уште кога ја зеде фунцкијата најави укинување на проектот, а сега и официјално го стори тоа, објави ТВ Сител.

-БРТ е релативно непознат концепт за граѓаните на Скопје. Според анализите кои биле изготвени минатата година за потребите на Град Скопје се укажува на бројни недостатоци и ризици од проектот кои ќе имаат влијание врз животната средина, што во никој случај не смее да се дозволи. Како што знаете во моментов се водат преговори со ЕБРД и по нивното завршување граѓаните ќе бидат информирани за договореното, велат од Град Скопје.