Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска (16.12.2021) во МВР имаше средба со амбасадорот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Н.Е. Клеменс Која на која што двајцата, меѓу другото, го парафираа договорот за донација на 14 возила наменети за потребите на Единицата за службени кучиња, а во рамки на отпочнатата реализација на проектот за „Поддршка на националните власти на Република Северна Македонија во намалување на ризикот од пролиферација и злоупотреба на малото и лесно оружје“.
Како што истакна Спасовски во својата изјава за медиумите, по средбата со амбасадорот Која, овој проект како суштински битен за проблематиката што ја опфаќа контролата на малото и лесно оружје и муниција, има за цел да ги зајакне капацитетите на Министерството, но паралелно со тоа и да се етаблираат нови знаења, вештини и практики во насока на зголемување на професионално-оперативните стандарди.
„Со амбасадорот Која еднодушно констатиравме дека со овој проект се отвораат реални и нови можности уште поквалитетно да се справуваме со ризиците од пролиферација на оружјето, што како феномен денес во современиот свет, во услови кога организираниот криминал ги има надминато националните граници, преставува еден од најголемите безбедносни предизвици, не само за нашата држава на локално ниво, туку е сериозен глобален предизвик во напорите за зачувување и зголемување на безбедноста“, нагласи министерот Спасовски.
Заблагодарувајќи се за досегашната извонредна и доследна поддршка и партнерство на мисијата на ОБСЕ во Скопје, манифестирана преку низа заеднички реформски активности во изминативе години, министерот Спасовски посочи дека конкретниот проект, чиј што дел е донацијата, веќе етапно се реализира од март годинава, при што целосно треба да биде имплементиран до 2023 година, со финансиска рамка од околу 3,7 милион евра.
Амбасадорот на мисијата на ОБСЕ во нашата земја, Н.Е. Клеменс Која рече: „Ова претставува значително унапредување на капацитетот за одговор и реакција на полицијата и Единицата за службени кучиња на целата територија на Република Северна Македонија и ќе го намали значително времето за нивна реакција таму каде што се потребни. Оваа донација е уште еден заеднички чекор напред во заедничката работа на градење на националните капацитети и институции преку проектот „Обезбедување поддршка на националните власти на Република Северна Македонија во намалување на ризикот од пролиферација на оружје и злоупотреба на мало и лесно оружје“.