Грчка „Ромфеа“: Приемот на епископот Партениј кај Вартоломеј е чекор за признавање на МПЦ-ОА

од Nikola Popovski
337 прегледи

Посетата на епископот Антаниски и игумен на Бигорскиот манастир г. Партениј во придружба на монаси и монахињи и приемот кај вселенскиот патријарх Вартоломеј е голем чекор на Фанар за решавање на црковното прашање и признавање на МПЦ-ОА, објави грчкиот православен сајт Ромфеа.гр, пренесувајќи оценки на претставници на Вселенската патријаршија.

Ромфеа.гр потсетува и дека приемот на епископот Партениј кај вселенскиот патријарх Вартоломеј доаѓа неколку дена по посетата на Атина каде што присуствуваше на вечерна служба и на Божествена Литургија во црквата Свети Пантелејмон, најголемиот храм во грчката престолнина, како и на Меѓународниот фестивал на православна црковна музика, со благослов на архиепископот на Атина и на цела Грција г.г. Јероним.

– Приемот на епископот Партениј се одржа во Патријаршиската црква Свети Георги, во присуство на митрополитот Халкидонски г. Емануил. Треба да се спомене дека ова е првпат владиката на таканаречената „Македонска црква” во придружба на монашко братство и сестринства, да биде официјално примен од страна на Вселенскиот патријарх, наведува Ромфеа.гр.

Епископот Антаниски г. Партениј со монаси и монахињи од четирите манастири Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино, кои се под негово духовно раководство, во средата беа примени од вселенскиот патријарх Вартоломеј во Фанар, седиштето на Цариградската патријаршија.

– Вселенскиот Патријарх уште еднаш ја покажа својата огромна љубов кон Црквата Божја, како вистински татко на православните. Тој изрази голема почит кон нашиот духовен татко и старец, кој имаше посебно обраќање кон неговата десветост, изјави за МИА отец Кирил од Бигорскиот манастир.

Слични содржини