Мицкоски бара Гаши да биде технички премиер

од Nikola Popovski
252 прегледи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски бара преодна влада во февруари или март и предвремени избори во мај или јуни.

-Бидејќи Пендаровски бара 61 потпис да застанеме со 61 потпис позади името на Африм Гаши, да биде новиот мандатар на преодната влада, наместо Димитар Ковачевски и да ја реши енергетската и економската криза. Ова да биде до одржувањето на парламентарните избори. Очекувам и ДУИ да го поддржи Гаши за премиер, рече Мицкоски на прес-конференција во седиштето на партијата.

На новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, Мицкоски му порача да се одважи и да излезе на предвремени избори, за да си го потврди легитимитетот.

-Би му порачал на Ковачевски да излезе на избори и да побара доверба од граѓаните. Во спротивно, засекогаш ќе остане во гнездото на Зоран Заев, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека во земјава е потребен „нов импулс, нова сила за реформи, една заедничка платформа, обединување околу нов договор со народот, за работите кои му се важни на народот“.