Воената морнарица на САД отпушти 103 маринци затоа што не сакале да се вакцинираат против Ковид-19.
Според последните податоци, досега се вакцинирани 95 отсто од активните маринци, односно, повеќе од 97% од вкупната активна воена сила е вакцинирана. Во воздухопловните сили 97,5% од војниците ја примиле првата доза или двете, а 98% во морнарицата, пишува CNN.
Воздухопловните сили во понеделникот соопштија дека отпуштиле 27 свои вработени затоа што одбиле да ја следат задолжителната одредба за вакцинација против коронавирус, а морнарицата во средата соопшти дека ќе почне да ги отпушта оние што одбиваат да се вакцинираат.
И покрај големиот успех на американската војска во вакцинирањето на своите сили, околу 35.000 војници сè уште не се вакцинирани. Меѓу нив има илјадници оние кои побараа ослободување од одредбата за задолжителна вакцинација од религиозни причини.
Државниот секретар за воени прашања Кристин Вормут оваа недела рече дека програмата за вакцинација е „првиот и најважен“ фактор во подготвеноста на американската војска.
„Оние кои сè уште одбиваат да се вакцинираат, без да побараат ослободување од медицински или административни причини, им препорачувам да се вакцинираат што е можно поскоро. Во спротивно, ќе поведеме итна постапка за отпуштање“, рече Вормут.
Војската сè уште не одобрила ниту едно од 85-те разгледани барања за верско изземање, а уште 1.661 такво барање е на чекање.