Самоконтрадикциите на „доктрината заеднички патриотизам“ и крајот на митот за ДПМНЕ како ВМРО

од Vladimir Zorba
999 прегледи

Суштинското первертирање на идеологијата на вмро дпмне која се реализираше во изминатите 4 години од страна на нивното раководство деновиве доби своја ултимативна форма во памфлетот наречен „нова иднина“ односно „нова доктрина“. Севкупното делување и политичка реторика на вмро дпмне во изминатите години, откако Мицкоски беше поставен за „лидер“ на таа партија, е олицетворение на анти-ВМРО делување, затскриено позади реториката за некаков прагматизам а всушност толку очигледната желба да се дојде на власт, со било кои методи и по секоја политичка цена. Карактеристичното политичко лицемерие и ефтин популизам едноставно се демаскираат со фактите за нивно учество во процесите кои реторички, апсурдно, во исто време беа инструментализирани за прикажување на некаков нивен патриотизам или, алтернативно во некои драстични случаи намерно игнорирање на тоа фактички неспорно учество, преку нивниот партиски медиумски агитпроп. На пример, признанието на Јоханес Хан и други високи претставници на ЕУ дека Мицкоски ветил дека нема да го попречува процесот на промена на името, а конечно и гласањето на нивни пратеници, илустративно упатува кон воспоставениот модел на пропагандата на нивната медиумска гебелсовско-ждановистичка машинерија која сите антипатриотски, анти-ВМРО дејствувања лажно ги прикажува како непостоечки, ги релативизира или свесно ги затскрива.

Уште подрастичен пример е никогаш откриениот за јавноста предизборен коалициски договор помеѓу партијата „алијанса на Албанците“ на Зијадин Села и вмро дпне на Мицкоски кој денес, со новата „доктрина“ добива крајно загрижувачки импликации, затоа што во поим „заеднички патриотизам“ подразбира прифаќање на барем дел од познатите барања на Зијадин Села. Се разбира, таков договор, кој раководството на дпмне го крие од своите членови и од севкупната јавност мора да постои бидејќи сепак станува збор за колку-толку сериозни политички субјекти т.е. политички партии. Почетната вџашеност (која брзо беше анулирана, веројатно преку некои внатрепартиски механизми на убедување или слично) на традиционалните гласачи на десницата а посебно на оние на вмро дпмне од предизборната коалиција со партија која, преку зборовите на нивниот лидер Села, бара, на пример, промена на државната химна, децата Македонци да учат на албански од прво одделение, и кој дури во еден говор јавно кажува дека ќе бркал Македонци од работа за на нивно место да вработувал Албанци (!) добива всушност свое место и во т.н. доктрина на заеднички патриотизам – бидејќи токму тоа е патриотизмот на Алијанса на Албанците, а штом заеднички им е патриотизмот, тоа само по себе, со самиот тој факт, значи и тоа, дека тие партиски, прорамски барања се дел од дпмневскиот патриотизам.

Во тој контекст, до пред неколку години просто незамисливо беше дека еден ден членовите на таа „најпатриотска“ партија би можеле воопшто да прифатат дека некој од нивното раководство ќе направи предизборна коалиција со партија која има такви радикални барања, но се чини дека партискиот наратив за освојување на власта по секоја цена одиграла клучна мотивациска улога при согласувањето на нивната партиско-вредносна свест со ваквите парадоксални анти-ВМРО барања, кои, се разбира, се апсолутно против сите досегашни партиски но и историски идеолошки фундаменти на ВМРО. Како се случи таква радикална трансформација на она што плазибилно може да се определи како вмро-вска самосвест, и таа да стане денес, најмногу заради нивното раководство, своја суштинска спротивност, е се уште во еден дел енигма, иако е јасно дека нивната внатрешно-партиска пропаганда веројатно има клучно значење во таа смисла. Патем, ова е главната причина за релативно добрите резултати на дпмне за локалните избори – изненадувачки, нивните членови сепак гласаа за барањата на нивните предизборни коалициски партнери (Алијанса на Албанците на Зијадин Села, Алтернатива на Африм Гаши, и Беса на Билал Касами), транспонирани на ниво на локална самоуправа – затоа што предизборна коалиција значи токму тоа: априорно, беспоговорно, автоматско прифаќање на програмата на својот предизборен коалиционен партнер.

Оттаму, кога веќе еднаш се прифатени тие програмски барања на Алијанса на Албанците, односно преседанот е направен и нивниот патриотизам напуштен, јасно е зошто нема воопшто никакви изрази на несогласување и со следниот, уште поапсурден чекор на нивното раководство кон своевидно предавство на парадигмата ВМРО. Сега, со новата „доктрина“, тие барања на Зијадин Села – всушност и на мицковистичкото дпмне – се поставени на највисоко можно ниво, на ниво на партиска програма и главен документ усвоен на партиски конгрес за нивното политичко делување во наредните години, барем додека не се донесе друга програма, доктрина. Уште повеќе, објаснувањето на нивниот потпретседател Николовси за гласачкото тело кон кое ќе се обраќа новото дпмне – „од центар кон лево па десно“(?!), значи уште едно тотално первертирање на историската, традиционална идеологија на ВМРО, напуштање на класичната десничарска позиционираност на таа партија, транспарентно признание за „вртење на грбот“ кон оној дел од народот кој идеолошки е ориентиран кон тие класични десничарско-конзервативни политички и морални вредности, итн. Оттаму, денес веќе нема никакви дилеми и прашања – дпмне не е повеќе ВМРО, освен што сеуште во името на партијата го носи односно злоупотребува тој симбол. Митологијата е демаскирана, и секој што барем малку размислува надвор од стегнатите граници на партиска свест, не може повеќе да се идентификува, најмалку во смисла на персонален политички идентитет, со дпмне како ВМРО.

Реален проблем за државата е фактот дека самата идеја за некаков „заеднички патриотизам“ значи артикулирање на природните разлики, различните интереси на колективно ниво, и понатаможно интензивирање односно дополнително разгорување на нивната меѓусебна конфликтност затоа што, едноставно кажано, тоа се спротивставени барања, кои единствено можат краткотрајно да се сместат во еден дискурс заради опортунистичко освојување на некаква власт, доколку и тоа е воопшто можно. Истакнувањето на таа непомирливост меѓу барањата на „алијанса на Албанците“ кои погоре веќе беа споменати и се јавно достапни на медиумите за верификација, наспроти вештачкиот обид за нивно прифаќање и тоа, замислете, од страна на вмро дпмне, е практично самоконтрадикторно и неоддржливо во однос на спротивните барања кои се транспонирани на различни начини во програмите на речиси сите политички партии. На ова место доаѓа до израз супериорноста на концептот за „едно општество за сите“ наспроти „концептот“ за невозможниот, ниту теоретски ниту практично реалистичниот „заеднички патриотизам“. „Едно општество за сите“ претставува барање за еднакво владеење на правната држава и неправење разлика меѓу граѓаните по ниту една основа. „Заедничкиот патриотизам“, иако навидум е вештачко игнорирање на проблемите и „ставање под тепих“ на етнонационалните агенди, во принцип е изблик на различни национализми кои меѓусебно се поништуваат, не можат да коегзистираат – и затоа македонското општество и држава треба да го деструира на секој можен демократски начин овој нов „концепт“ односно „доктрина “ на мицковистичкото дпмне, како опасност за самото постоење на оваа држава.

После се, после предлогот-барањето на Мицкоски за Албанец премиер, дури и со име и презиме (Африм Гаши), дури и на малите деца веќе им е стана јасно дека т.н. патриотизам на вмро дпмне е една голема лага, голема политичка измама во функција на придобивање на гласови за власт. Повеќе нема никаков сомнеж дека најголемиот мит за вмро дпмне е демистифициран, разоткриен во сета бруталност на лагата. После предизборната коалиција и усвојувањето на програмските цели и барања на Алијанса за Албанците и другите, после толку срамното (од перспектива на историското ВМРО) барање-нудење на премиер Албанец, само заради предвремени избори односно власт, докрај се соголи лагата затскриена зад митот што сеуште опстојува кај луѓето, посебно меѓу оние помалку информираните, за историското позитивно значење и патриотски ореол на ВМРО како заштитник на Македонскиот народ. Тоа денес повеќе не важи за таа партија која е суштинска спротивност на историското ВМРО, на идеалите на Организацијата, парадигмата на националните интереси, вредности и агонистика.

Се разбира, и покрај сите пропагандистички и мошне смешни обиди да се фалсификува таа одговорност за овој најнов срам, сепак, фактите се бескрупулозни – заврши митот за дпмне како ВМРО. Денес таа партија холистички го загуби легитимитетот и ореолот на митот и нарациите дека се „најмакедонска“ партија. Тоа, без оглед што и досега преку несоодветни методи, па дури и форми на политичко насилство беше оддржувано како секојдневно симболичко индоктринирање, конечно докрај соголено се покажува како обична, ефтина политичка лага. Токму крајот на овој најголем мит, го остава дпмне без најсилната мета-нарација односно ирационалната привлечност за гласачите (кој елемент има големи симболичко-реални влијанија при гласањето во изборните циклуси). Дисперзијата на овој факт кај народот, меѓу граѓаните, што мора да биде одговорност на секој рационален човек што живее овде, би требало да доведе до драстично намалување на бројот на луѓе кои ќе гласаат за оваа, денес веќе најголема анти-ВМРО политичка партија, мицковистичкото дпмне.

д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини