Според последната статистика на Министерството за здравство за изминативе недели 67 отсто од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица, пак, кои се невакцинирани изнесува 98 отсто, додека само два проценти од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани, се наведува во анализата на Министерството, каде се посочува дека за вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози вакцини и поминале најмалку 14 дена од примање на втората доза.
Во период од 6 август до 16 декември 2021 на територија на државата починале 2.272 лица со Ковид-19, од кои 1.790 пациенти не биле вакцинирани, а само 21 отсто примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на Модерна и Џонсон, покажува анализата.
Од Министерството за здравство повторно укажуваат на важноста на вакцинација и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.
Оттаму нагласуваат дека секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна.