Напаѓачот на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд е на мета на неколку европски клубови.
Сите го сакаат, но во малцинство се оние кои можат да си го дозволат тоа. Ерлинг Халанд некогаш ќе ја напушти Борусија Дортмунд, а тој чекор е најавен за следното лето, што е светло за сите заинтересирани клубови да ги конкретизираат своите понуди и идеи за норвешкото чудо оваа зима.
Првиот човек на Борусија Дортмунд, Јоаким Вацке изјави дека го посакуваат неколку екипи, но дека конкретен интерес доаѓа од Мадрид.
„Знам дека го сакаат најдобрите европски клубови, особено Реал Мадрид. Нивниот интерес е потврден. Мислам дека еден ден шпанската лига ќе му биде попријатна од Премиер лигата. Генерално, би сакал да остане“, изјави Вацке.
Доколку Реал летово навистина посегне по Халанд, тоа би значело дека во иднина би можеле да го видиме во тандем со Килијан Мбапе, чиј трансфер во „кралскиот клуб“ е прашање на време.