„Алтернатива“ викендов ги објави имињата на кандидатите за министерските места. Се очекува новата влада да се формира откако премиерот Зоран Заев ќе ја достави оставката која ја најави по поразот на локалните избори.
Минатата недела владините коалициони партнер одржа средба на која било потврдено дека е исполнета целта да се обезбедат стабилна влада и стабилно парламентарно мнозинство, а следните парламентарни избори би требало да бидат редовни и да се одржат во 2024 година.
– Заев, Ахмети и Ковачевски се согласни дека новата Влада ќе биде целосно фокусирана на забрзано движење на државата по евро-атлантскиот пат и дека целта е првиот голем успех на Владата да биде наоѓањето решенија за предизвиците во односите со Бугарија и почеток на преговорите за членство во Европската Унија, информираше владината прес-служба.
Министерката за одбрана пред неколку дена изјави дека нема да биде дел од новата Влада.
– За жал, мојот впечаток е дека од тие лекции не ги научивме и дека некои од пораките на јавноста не ги чувме или не ги разбравме, и затоа мислам дека единствената чесна и принципиелна одлука е да не учествувам во следната Влада, нагласи Шекеринска.
Таа потсети дека пред осум месеци се повлекла од партиската функција заменик-претседател на СДСМ оти не се согласувала со дел од политиките, кои според неа, придонеле за пораз на локалните избори и не очекува работите да се сменат.
Воедно и Филипче кажа дека веднаш по изборот на новата Влада, ќе се врати на својата основна професија, на Клиниката за неврохирургија.
-Ова беше едно големо искуство, но доста е од политика. Веднаш по завршување на владината реконструкција, се враќам на мојата основна професија како неврохрируг во Клиничкиот Центар, рече денеска Филипче во изјава за ТВ 24.
Прашан дали размислува за амбасадроско место или друг анкажман во политиката, тој посочи дека такво нешто не е опција.
-Засега не размислувам во таа насока. Сметам дека најмногу можам да придонесам во здравство преку мојата професија, одговори министерот Филипче.
Медиумите информираат дека премиерот Зоран Заев во среда ќе ја поднесе оставката од премиерската функција во Собрание. Во оставка ќе биде и цела Влада, а пратениците нема да имаат можност да му поставуваат прашања.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски потребни се предвремени избори.
„Техничка Влада во февруари, избори во мај. СДСМ одамна нема кредибилитет да ја води државата“, пишува Мицкоски на Фејсбук.