Килијан Мбапе вчера наполни 23 години и синоќа го прослави својот роденден. На забавата беа и неговите бројни соиграчи, но забележливо е отсуството на дуото кое со славеникот го сочинува најпознатото трио на ПСЖ.
Судејќи по фотографиите и видеата објавени на социјалните мрежи, на забавата биле Серхио Рамос, Серхио Рико, Андер Херера, Марко Верати, Џорџињо Вајналдум, Џулијан Дракслер, Данило …
Роденденот на Мбапе не го прославија Лионел Меси, Нејмар, но и другите Јужноамериканци: Анхел Ди Марија, Мауро Икарди, Леандро Паредес.
Рамос објави кратко видео на Instagram Story во кое Мбапе дува свеќички на тортата, додека Хуан Бернат откри што му подариле соиграчите на Мбапе: дрес на ПСЖ со неговото презиме и број 2050, што ја претставува годината кога треба да остане во клубот.
Се работи за жестоко „тролање“ на Мбапе, кој само што не се согласил за трансфер во Реал и кој побарал да замине во тој клуб ова лето. Тоа најверојатно ќе се случи една година подоцна, поточно за шест месеци, кога ќе може да се пресели во Реал како слободен играч, без обештетување.
Ваквиот расплет би бил голем пораз за ПСЖ кој летото 2018 година го донесе Мбапе од Монако со отштета од 145 милиони евра. Оттогаш, тој постигна 147 и асистираше за уште 76 гола на 195 натпревари за ПСЖ. Оваа сезона блеска со 15 голови и асистенции на 24 натпревари.